Начини на престанување на важноста на договорот за вработување

13.02.2020

Договорот за вработување престанува да важи во повеќе ситуации. Законот за работни односи во таксативна форма предвидува неколку начини, кои ќе бидат изложени во продолжение.

Договорот за вработување престанува да важи:

1) со изминување на времето за коешто бил склучен;

2) со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице);

3) поради престанување на работодавачот согласно со закон;

4) со спогодбено раскинување;

5) со отказ;

6) со судска пресуда, и

7) во други случаи утврдени со закон.

договор вработување 1

Престанување на важноста на договорот за вработување на определено работно време

Договорот за вработување на определено работно време престанува да важи со изминувањето на рокот за којшто бил склучен, односно кога договорената работа е завршена или со престанувањето на причината, заради којашто бил склучен.

Престанување на важноста на договорот за вработување поради смрт на работникот, односно работодавачот (физичко лице)

Во Законот за работни односи се предвидени и случаите кога работниот однос престанува со смрт на работникот, односно со смрт на рабодавачот, ако работодавачот бил физичко лице. Договорот за вработување престанува да важи со смртта на работникот. Договорот за вработување престанува да важи со смртта на работодавачот (физичко лице).

Престанување на важноста на договорот за вработување поради поведување постапка за престанок на работодавачот

Во случаи на отворање на постапка за престанок на работодавачот (ликвидација, односно стечај), престанува да важи договорот за вработување на работникот, во согласност со закон.

Раскинување на договорот за вработување со спогодба

Договорот за вработување страните можат кога било да го раскинат со писмена спогодба која мора да содржи одредба за последиците, коишто настануваат за работникот поради договорното раскинување при остварувањето на правата врз основа на осигурување за случај на невработеност.

Спогодбата за раскинување на договорот за вработување се потпишува на денот на престанокот на работниот однос и истата треба да содржи своерачно напишано име и презиме од работникот и од работодавачот, своерачно напишан датум на престанок на работниот однос од работникот и од работодавачот и своерачен потпис на работникот и на работодавачот.

Доколку спогодбата за раскинување на договорот за вработување не ги содржува законските елементи, истата е ништовна.

Откажување на договорот за вработување со и без отказен рок

Договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок. Во случаите определени со закон, договорните страни можат да го откажат договорот за вработување без отказен рок. Секоја од страните може да го откаже договорот за вработување само во целост. Работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување.

Работодавачот може да го откаже договорот за вработување, само ако постои основана причина за отказ поврзана за однесувањето на работникот (лична причина настрана на работникот), поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина на вина) или ако причината е заснована на потребите на функционирањето на работодавачот (деловна причина).

Престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда

Ако судот донесе одлука со која е утврдено дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, работникот има право да се врати на работа по правосилноста на одлуката, ако тоа го бара.

Покрај враќањето на работа, работодавачот е должен на работникот да му ја исплати бруто платата која би ја земал кога би бил на работа, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување, намалена за износот на приходот кој работникот го остварил врз основа на работа, по престанокот на работниот однос. Работникот кој го оспорува отказот може да бара судот, привремено, до завршувањето на спорот, да нареди негово враќање на работа.

Ако судот со одлука утврди дека на работникот незаконски му престанал работниот однос, а за работникот не е прифатливо да остане во работен однос, судот на барање наработникот ќе го определи денот на престанокот на работниот однос и ќе му досуди надомест на штета.

Други случаи кога престанува договорот за вработување, утврдени со закон

Во Законот за работни односи се предвидени и други случаи кога престанува договорот за вработување односно работниот однос, и тоа:

  • Престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдената трајна неспособност за работа.
  • Прекин на договорот за работа поради возраст на работникот.
договор вработување 2

Informative blog

To top