Big Data во правниот систем

08.08.2019

Знаеме дека сите индустрии се засегнати со користењето Big Data, а правниот систем не е исклучок. Big Data е име за огромно и комплицирано множество од податоци, чијашто големина ги надминува способностите за обработка од страна на стандардните алатки за обработка на податоци. Овие податоци се добиваат со помош на техники за податочно рударење. Потоа се применуваат алгоритми за групирање и систематизација и се бараат шаблони според нив, со што се добива модел кој со значајни информации го олеснува носењето одлуки.

Пребарувачки алатки за успешен почеток на правно истражување

Организираните бази со податоци од правни практики или закони, низ коишто е лесно да се пребарува, претставуваат значителна помош и штедење време во правното истражување. Еден пример за ваков облик на правно советување е LexisNexis. Овде се понудени бројни алатки за напредно пребарување низ правни и бизнис податоци од различни места низ Америка кои имаат и советодавна улога и ги визуелизираат информациите за подобро анализирање. Друг пример за иновативни правни решенија е Thomson Reuters Legal. Освен пребарувачки алатки, нивните продукти вклучуваат асистенција при составување договори и други правни документи, пристап до know-how практики, прогноза и ублажување на ризик, упростување на судските процеси.

Предвидувачки анализи во правниот систем

Подобро од алатка за истражување низ податоци е алатка која има и аналитички вештини. Со збирка податоци од правни случаи може се направи модел, чијашто моќ ќе се состои во генерирање правни насоки и препораки кои ќе бидат адаптирани спрема конкретен случај на клиентот. На овој начин, клиентот не би плаќал за правен застапник или адвокат, туку за пристап до базата со податоци за искуствата од илјадници или милиони луѓе. Врз основа на поранешните случаи кои личат со конкретниот случај, со помош на статистиката, ќе се пресмета веројатноста за исходот од различни активности кои може да се преземат, па така моделот ќе може да сугерира најоптимална постапка.  Имено, предизвик на технологијата во правниот систем е да се стреми кон алатка која имајќи ги доказите и знаејќи ги законите, ќе размислува  објективно и ќе одлучува што е најповолно за определен проблем.

Адвокати кои користат помош од технологијата или роботи?

Алатките за истражување, автоматизација на документите, анализа и визуелизација на податоците, ги прават адвокатите поефективни, посигурни и поефикасни во извршувањето на своите задачи. Освен брз пристап до потребните закони и регулативи, овие алатки имаат консултатитвна природа преку разгледувањето на судски практики. Пример за такви услуги е Ravel Law – стартап формиран Сан Франциско во 2012 година, кој преку низа алатки базирани на податоци и судски практики од правната библиотека во Харвард, им помага на адвокатите подобро да се подготвуваат за судските процеси. Во иднина може да се надеваме на зголемување на можностите за користење на ваквите алатки ширум светот, но и ќе видиме дали е возможно комплетно да се заменат улогите на адвокатите и/или судиите со вакви производи. Еден познат пример за примена на вештачка интелигенција во правото е  адвокатот – робот ROSS, со кој може да се консултирате околу правни прашања кои тој ги одговара со помош на база од закони. Повеќе алатки кои користат вештачка интелигенција во правото, може да видите на оваа листа.

Податоци спрема теорија

За да се верува на анализата на податоците, потребно е тие да бидат комплетни пред да се обработуваат. Освен потешкотијата за се приберат целосни податоци, друга пречка е дека правните податоци се посебно доверливи. Ова значи дека дури и во рамките на една организација, податоците честопати се недостапни за експертите за анализа, како што се статистичарите и програмерите.

Од друга страна, она што создава сомнеж во Big Data начинот на донесување одлуки во правото, е ризикот од разминување со теоријата. Проблемот на давање приоритет на податоците спрема теоријата е заради тоа што секое набљудување или мерење е „теоризирано“. Секој податок – кој е разгледуван како факт – може да биде оспоруван. Следствено, тешко е дека може да оствариме имаме директен пристап до информациите, фактите или реалноста преку набљудување.

data

Ризик од „врамување“ на проблемот

Споредувањето на конкретен правен проблем со илјадници претходни искуства за да се донесе „најпаметна“ одлука, го „мери“ конкретниот случај, наместо да го анализира хипотетички. Исто така, треба да се внимава дали на случаите им се припишува ист модел според сличност на ситуациите, или според  сличност врз основа на значајни параметри. Дел од правните експерти се скептични околу улогата на идните виртуелни адвокати, затоа што мислат дека дијапазонот од насоки во кои ќе размислуваат ќе биде „врамен“ и ограничен, а нивните одлуки би биле предетерминирани со моделот.

Informative blog

To top