Секој работник има загарантирано право на годишен одмор. Тоа право е загарантирано со Устав и со Закон за работни односи на РСМ. Според член 32 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија, секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор.

Стекнување право на годишен одмор

Работникот кој за првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор, кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеца кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи полно работно време или пократко работно време од полното.

Траење на годишен одмор

Според член 137 став 1 и став 2 од Законот за работни односи, работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена. (2) Годишниот одмор од ставот (1) на овој член со колективен договор или договор за вработување може да се продолжи до 26 работни дена.

Траењето на годишниот одмор се определува според времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективниот договор. Празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа не се пресметуваат во деновите на годишниот одмор. Како ден на годишен одмор се смета секој работен ден кој е според распоредот на работното време кај работодавачот за конкретниот работник одреден како работен ден.

Користење на годишен одмор

Годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година. Годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на 12 работни дена годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.

Годишниот одмор којшто не бил искористен во тековната календарска година заради отсуство поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.

Начин на користење на годишниот одмор

Годишниот одмор се користи земајќи ги предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот водејќи сметка за неговите семејни обврски.

Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.

Дополнителни слободни денови

Работникот има право на платен одмор заради лични и семејни околности (за склучување на брак, раѓање на дете (само за таткото) и/или смрт на близок роднина), до седум работни дена. Деновите на платениот одмор се утврдуваат со колективен договор и по сите основи не може да изнесуваат повеќе од седум работни дена.

Информативен блог

To top