Italia startup visa: Поддршка за иновативни бизнис идеи ширум светот

25.06.2019

Италијанската влада од 2012 до 2016 година работела на создавање комплетна законска регулатива која ќе охрабрува иновативните бизнис идеи и континуирано ќе го унапредува стартап екосистемот. Специјално, законот се однесува на иновативни стартапи – компании кои придонесуваат во светот на високата технологија. Ова множество од закони е адаптирано и за домашни, но и за идеи кои доаѓаат од други земји од светот. Иноваторите од неевропска земја, кои живеат во Италија и сакаат да го продолжат својот престој таму приклучувајќи се во Италијанскиот стартап екосистем, треба да се обратат во Italia Startup Hub. Исто така, може да се создаде стартап во Италија и од дома, преку аплицирање за Italia startup visa.

Што е иновативен стартап?

Поимот иновативен стартап е воведен во Италијанскиот правен систем за потребите на овој закон. Овие се компании со заеднички капитал, кои  ги исполнуваат следниве услови:

  • Да бидат новоосновани, или да не постојат повеќе од 5 години;
  • Да имаат седиште, или барем една производствена гранка во Италија;
  • Имаат годишен обрт на средства помал од 5 милиони евра;
  • Не дистрибуираат профит;
  • Произведуваат, развиваат и продаваат иновативни продукти или услуги од висока технолошка вредност;
  • Не се создадени по пат на спојување, разделување или продавање компанија или производствена гранка;
  • Се од иновативен карактер, што подразбира барем еден од следниве критериуми:
    • Барем 15% од трошоците на компанијата се за истражувачки цели (R&D activities);
    • Барем една третина од работната сила на компанијата се истражувачи, имаат завршено или се студенти на докторски студии – алтернативно, две третини од вработените треба да имаат завршено магистерски студии;
    • Компанијата е носител, депозитар или стекнувач на лиценца на регистриран патент (индустриска сопственост).

Што значи Made in Italy за Вашиот стартап?

Во новиот закон за стартапи, Владата на Италија внимателно ги разработува интересите на сите учесници во стартап екосистемот. Неговата цел е поттикнување и развој на иновативни компании кои ќе придонесат за значителен раст и ќе овозможат вработувања за младите и просперитетни луѓе. Следствено, новите иновативни компании ќе ги зајакнат корелациите помеѓу универзитетите, истражувачките центри и индустријата, овозможувајќи истражувачка продуктивност. Со овој закон, талентираните луѓе од другите држави, може да ја претворат својата иновативна идеја во бизнис кој ќе биде спакуван во името на Италија. Освен за оние коишто имаат идеја, овој закон нуди поволности и за инвеститорите, затоа што таму важат значително високи даночни ослободувања за нив. Од гледна точка на основачот на бизнисот и работодавец, друга поволност е тоа што Владата на Италија покрива 35% од трошоците во првата година за висококвалификуван работник кој би бил ангажиран на неопределено време.

italia startup visa - critrias and benefits

Како се аплицира за Italia startup visa?

Можете директно да аплицирате со поднесување соодветна документација во Министерството за економски развој на Италија, или Вашата апликација да биде извршена преку сертифициран бизнис инкубатор од Италија. Првиот чекор за апликација е постапка која се завршува пред компјутер – потребна е јасна и сеопфатна презентација на идејата и добар бизнис план. Позитивниот одговор од овој чекор е документот, кој покрај стандардните документи за добивање виза, треба да се приложи во најблиската Италијанска Амбасада за да се добие едногодишна стартап виза за самовработување. Со поштенски трошоци кои не надминуваат 100 евра и потврда за обезбеден престој во Италија, се очекува добивање дозвола за престој во рок од една година, а по истекот на првата година, со прогресивниот извештај од работата на основаниот стартап, можете да аплицирате за престој по основа самовработување за следните две години.

Blogu informues

To top