Паметни договори и blockchain технологијата

08.04.2019
smart contracts

Паметните договори претставуваат уште еден новитет во правото. Главната карактеристика на овие паметни договори е всушност нивната само-спроведувачка природа. Тие им овозможуваат на договорните страни поголема ефикасност во составувањето на договорот, плаќањето и спроведувањето, а од друга страна ги намалуваат трошоците за договорните страни.

Kако работат и дали се сигурни?

Паметните договори својата основа ја имаат во blockchain технологијата. Бидејќи blockchain претставува децентрализиран систем кој постои помеѓу оние кои членуваат во него („дозволени страни“) и податоците кои се наоѓаат на ваквиот систем се размножуваат односно реплицираат помеѓу неговите членови, не постои никаква потреба корисникот да плати некое трето лице за услугата која може да произлезе од оваа технологија.

Имено, податоците кои се наоѓаат на blockchain мрежата се јавни, отворени за сите и константно се споделуваат внатре во мрежата. Поради ова традиционалните проблеми на интеренет технологијата тука не постојат што ќе рече не постои само една верзија/копија од документот кој се прикачува и кој како таков лесно може да се манипулира од страна на хакери, туку документот нема една единствена копија и локација. Тој, како што напоменавме се споделува помеѓу сите членови на мрежата и таа мрежа на одредени интервали автоматски ја проверува веродостојноста на тој документ.

Сето ова ја прави манипулацијата на документите споделени во blockchain мрежата многу тешка. На претходново нужно се надоврзува и самиот факт дека едно или повеќе лица немаат толкави ресурси за да ја извршат таа манипулација.

Како преку паметни договори до помал трошок за страните?

Имајќи го во предвид горенаведеното, во последно време се појавува уште еден новитет на денешнината кој се базира врз blockchain технологијата. Тоа се всушност овие паметни договори.

Паметните договори се традиционални договори од разни области на правото преточени во код и прикачени на одредена blockchain мрежа. Како такви тие дозволуваат спроведување на условите стипулирани во нив со исполнување на однапред предвидени услови. Условите се обично поставени во низа, што значи дека исполнувањето на првиот ја отвора можноста за договорните страни да преминат на наредниот услов во низата.

Како илустрација да го земеме наредново: сакате да склучите договор за закуп на недвижен имот. За да се заврши целиот процес обично е потребно да ангажирате адвокатски услуги, да одите на нотар да го потпишете договорот заедно со другата страна и да ја очекувате наплатата секој месец од вашиот закупец. Со помош на т.н. паметни договори овие трошоци за вас практично не постојат.

Договорот за закуп постои на blockchain мрежата и од вас се очекува да дадете ваш лично генериран клуч со кој пристапувате кон и договорот или се очекува да ја платите сумата. Паметниот договор може да биде спроведен во одредено време што значи закуподавачот го пишува својот личен клуч, а закупецот ја уплаќа сумата заедно со впишување на неговиот клуч.

Доколку едната страна не ја исполни својата обврска до времето означено за спроведување на договорот, тој напросто нема да се исполни. Доколку и двете страни ги исполнат своите обврски паметниот договот автоматски ги префрла парите на сметка на закуподавачот и го испраќа договорот до двете страни. Ова е всушност уште една карактеристика на овие договори – нивното автоматско наплаќање за услуги и отстранување од потребата да се рекламира закуподавачот или да користи услуги од агенција за недвижности бидејќи неговата понуда е јавна на мрежата и секој може да пристапи кон неа.

Што овозможуваат овие паметни договори?

  • Автономија – вие сте тој што го прави договорот.
  • Доверба – вашите податоци се енкриптирани на мрежата.
  • Резервна копија – документите се споделуваат на мрежата и практично е невозможно некој да ги избрише или да добие пристап до нив.
  • Брзина- ја зголемуваат ефикасноста и ги намалуваат купиштата документи кои обично треба да се направат. Паметните договори имаат способност да автоматизираат голем дел од процесот.
  • Заштеда – овозможуваат намалување на попатните трошоци.
  • Точност – не прават човечки грешки.

И за крај не би можеле да го завршиме текстот без да го спомнеме Ник Сабо кој во 1994 година прв ја здогледа способноста на ваквите децентрализирани мрежи да се користат за составување на паметни договори.

Blogu informues

To top