Од неодамна, во Обединетото Кралство ја замениле улогата на Tier-1 Entrepreneur Visa со две нови можности: виза за стартап или виза за иновативен бизнис. Она што е заедничко за двете опции е дека се наменети за државјани кои не се од земјите на Европската Економска Зона или Швајцарија и имаат иновативна идеја за бизнис, кој сакаат да го започнат во Обединетото Кралство. Генералната разлика меѓу овие две визи е дека стратап визата е наменета за почетници, кои немаат искуство во бизнис сферата, а визата за иноватори е поволна за искусни претприемачи – ова е очекуваното продолжение на стартап визата.
Услови
Суштинските мотиви заради кои постојат овие визи се наоѓаат во иновативност на идејата и финансиското обезбедување на стартапот, односно бизнисот. Условите кои е потребно апликантите да ги исполнуваат и за двете визи се:
- Бизнис план кој се карактеризира со: иновативност, одржливост на фирмата, приспособливост;
- Одобрување на бизнис планот од страна на некое од регистрираните тела за разгледување на апликациите;
- Апликантот треба да има минимум 18 години;
- Потврда за познавање на англиски јазик (тест или англиски јазик во завршеното образование);
- Потврда за финансиска стабилност.
Start-up visa
За стартап виза може да се аплицира и како промена на визата, доколку апликантот веќе е во Обединетото Кралство добивајќи некоја од визите: Tier-1, Tier-2, Tier-4 или виза за посетител. Првиот чекор за апликација е онлајн. Документи кои се потребни за апликација се:
- Потврда за стартап идејата од комисија за одобрување;
- Важечка патна исправа;
- Потврда од банка дека апликантот има за 945 фунти кои ќе му обезбедат престој за идните 90 дена;
- Резултат од тест за туберкулоза, доколку апликантот е од држава од оваа листа;
- Потврда за познавање англиски јазик.
Времетраењето на визата е 2 години, со можност за продолжување во друг облик: Innovator visa. Семејството на апликантот може да аплицира за оваа виза во улога на партнер или малолетно дете. Во тој случај, потребна е потврда од банка за уште по 630 фунти за секој член. Трошоците за апликација се прикажани во следната табела:
Лице | Апликација надвор од ОК | Промена на виза (во ОК) |
Апликант | 363 фунти | 493 фунти |
Апликант од Турција или Македонија | 308 фунти | 438 фунти |
Член на семејството на апликантот | 363 фунти | 493 фунти |
Дополнително, потребно е да се плати и здравствено осигурување.
Innovator visa
Визата за иновативен бизнис е погодна за промена од Tier-1 Entrepreneur visa или за „продолжување“ на стартап визата. За да се добие оваа виза, најпрвин е потребна потврда од овластена комисија дека идејата нуди нешто ново, е одржлива и има потенцијал за раст. Покрај овој документ, за апликација се потребни сите наведени документи за апликација за Start-up visa. Доколку отварате нов бизнис, дополнително, потребна е потврда за за инвестиција од најмалку 50000 фунти. Времетраењето на визата е 3 години, со можност за неограничен број пати продолжување за уште 3 години. Семејството на апликантот може да аплицира за виза исто така – полнолетните деца може да аплицираат за визата доколку веќе се во Обединетото Кралство. Плаќањето здравствено осигурување е дел од апликацијата, а цените за апликацијата се дадени во табелата:
Лице | Апликација надвор од ОК | Промена на виза (во ОК) |
Апликант | 1021 фунти | 1277 фунти |
Апликант од Турција или Македонија | 966 фунти | 1222 фунти |
Член на семејството на апликантот | 1021 фунти | 1277 фунти |