Ликвидација на Фирма, Трговско Друштво

22.08.2017

Ликвидацијата на фирма, трговско друштво преставува постапка со која се затвора и брише друштвото од Централниот Регистар на РМ. Освен ликвидацијата, стечајната постапка исто така резултира со затворање и бришење на друштвото во ЦРРМ, меѓутоа постојат разлики помеѓу овие две постапки во неколку аспекти.

Овој блог е посветен на информации поврзани само со ликвидационата постапка. Ликвидацијата се спроведува доброволно, односно со одлука за престанок на друштвото, донесена од содружниците. Оваа постапка се спроведува пред Централниот Регистар и е пропишана со Закон.

ВРЕМЕТРАЕЊЕ НА ПОСТАПКАТА ЗА ЛИКВИДАЦИЈА
Времетраењето на постапката може да варира во зависност од тоа дали друштвото кое што се ликвидира има долгови спрема доверители или неплатени даночни обврски.
Па така, доколку друштвото нема никакви парични обврски, постапката просечно трае од 30 до 45 дена. Меѓутоа доколку друштвото има неплатени парични обврски оваа постапка трае подолго, а доколку во истата се утврди дека овие обврски неможат да се подмират, за истото друштво ќе се отвори стечајна постапка.

ПОЧЕТОК НА ПОСТАПКАТА ЗА ЛИКВИДАЦИЈА
Самата постапка може да се раздели на неколку фази.
Постапката започнува со донесување на одлука за престанок на друштвото и одлука за именување на ликвидатор. Овие одлуки ги носат содружниците.
Освен овие одлуки, за друштвото се вади и бонитетна состојба од банката каде што има жиро сметка, како и уверение за платени даноци од УЈП.
Доколку сите даночни обврски се подмирени, уверението се издава во рок од 3-5 дена, меѓутоа, доколку друштвото има неподмирени обврски, УЈП ќе издаде заклучок во кој ќе биде наведен износот и видот на данокот по чиј основ се должи.

По прибирањето на горенаведените документи, се поднесува електронската пријава до Централен Регистар. Во називот на друштвото се додава префиксот – “во ликвидација” и се упишува ликвидаторот.

ОБЈАВА НА ЛИКВИДАЦИЈА
Од уписот во регистар, ликвидаторот во интервал не пократок од 7 дена и не подолг од 15 дена, објавува дека Друштвото е во ликвидација. Објавата се врши на веб страницата на Централниот Регистар.
Со објавата се повикуваат доверителите да ги пријават своите побарувања во рок од 15 дена од денот на објавата. Познатите доверители се известуваат поединечно и во писмена форма за ликвидацијата.

УПИС НА БРИШЕЊЕ
Доколку ниту еден доверител не се пријави, се подговуваат документите за последната фаза со која друштвото се брише. Содружниците донесуваат одлука за бришење и одлука за одобрување на работата на ликвидаторот. Освен овие одлуки до Централен регистар се доставува годишна сметка за друштвото и повторно се вадат и доставуваат бонитетна состојба и уверение за платени даноци.

Откако ќе се приберат овие документи и ќе се донесат потребните одлуки, истите електронски се поднесуваат до Централен Регистар, кој што постапува по пријавата и го брише Друштвото.

Закажете состанок со нашиот тим

 

Информативен блог

To top