Legal tech startup: Luminance

10.11.2019

Luminance е стартап кој ги поврзува правото и технологијата во продукт кој е од голема помош на адвокатите при проверка и анализа на правната документација. Основан е во Лондон во 2015 година. Оваа алатка користи вештачка интелигенција за обработка на правни податоци и нивна репрезентација. Luminance можат да го користат и адвокатите поединци, коишто сакаат детална дигитална проверка на материјалите за определен случај и советодавни насоки при носење одлуки, а одговара и на потребите на правните фирми и организации, овозможувајќи преглед на случајот од страна на повеќе соработници истовремено. Со користење на оваа алатка, правниците можат да посветат повеќе време на интелектуална, отколку техничка работа.

Технологија

Со Luminance може да се разгледуваат голем број документи од иста или слична природа, а преку алгоритми за препознавање на шаблони многу лесно ќе бидат пронајдени одредени исклучоци. Ова пребарување заштедува многу време, а враќа прецизни резултати. Друга карактеристика на Luminance е визуелизација на множеството од податоци со различни видови графици кои се погодни за природата на податоците. Потоа следи напредната статистичка анализа, во којашто се прогнозира веројатноста за ризик во рамките на комплетот од документи за дадениот случај. Luminance практикува машинско учење за читање и анализа на податоците и непрекинато се надградува и самостојно и во интеракција со корисникот.

Корисници и студии на случај

Оваа алатка ја користат повеќе од 120 правни фирми или поединци од околу 40 земји. Еден од случаите за примена на Luminance е случајот Brexit. Првиот дел од овој проект вклучувал преглед и систематизација на договорите. Потоа, системот на машинско учење на Luminance ги препознал карактеристичните клаузули во документите, што овозможило автоматско групирање на договорите. Вака систематизираните договори биле испратени кај правните советници за понатамошна анализа околу специфични точки или барања. Со користење на Luminance било заштедено околу 75% од времето кое вообичаено го трошеле правните работници за преглед на документација.

Друг успешен случај за користење на Luminance се поврзува со UK Retail Bank. Согласно новата Општа регулатива за заштита на податоците (GDPR), банката требало да прегледа илјадници договори за да утврди кои од нив треба да се изменат пред да стапи во сила регулативата, во временски рок од неколку месеци. Ангажирајќи го Luminance било заштедено 85% од времето коешто би било потребно и бил запазен временскиот рок.

https://www.youtube.com/watch?v=DSITGhbSXG8

Информативен блог

To top