Развод на брак | Спогодбен и по тужба

25.02.2025
Развод на брак, Закон за семејство, спогодбен развод на брак, тужба за развод на брак, тужба со спогодбен предлог за развод на брак

Бидејќи бракот претставува основа во секое општество па и во нашето, во кое од најрана возраст се развиваат и воспитуваат децата и е основа за прогресирање на секое општество, прашањето за развод на брак секогаш буди одредени полемики и дилеми.

Во нашето законодавство постапката како и причините за развод на брак се уредени со Законот за семејство.

Во овој текст од правен аспект ќе бидат разгледана проблематиката на постапката за развод на брак и поради кои причини истата може да биде иницирана анализирајќи ги релевантните закони во Република Македонија.

Развод на брак, тужба за развод на брак, спогодбен развод на брак, спогодбен предлог за развод на брак

Поради кои причини бракот може да биде разведен?

Првата причина поради која бракот може да се разведе Законот за семејство ја опишува на следниот начин: “Бракот може да се разведе по барање на еден од брачните другари ако брачните односи се до таа мера нарушени што заедничкиот живот станал неподнослив”.

Како што и самата одредба од ЗС опишува, овде е битно да се докаже дека брачната заедница помеѓу брачните другари повеќе не функционира, односно не може да функционира и односите помеѓу брачните другари станале неподносливи за заеднички живот.

Следната причина е опишана во членот 41 од ЗС на следниот начин: “Брачниот другар може да бара развод на бракот ако брачната заедница фактички престанала подолго од една година”.

Како наједноставен пример на фактички престанок на брачна заедница е фактот доколку брачните другари подолго од една година не живеат заедно и едниот брачен другар бара бракот поради истата причина да биде разведен.

Развод на брак преку спогодба

Бракот може да биде разведен и доколку двајцата брачни другари решиле спогодбено да стават крај на брачната заедница.

Во оваа постапка за развод на брак е специфично тоа што не треба да постои било каква причина за развод на бракот.

Единствен услов овде е судот да утврди дека брачните другари одлуката за спогодбен развод на брак ја донеле слободно, сериозно и непоколебливо.

Што доколку брачните другари имаат заеднички деца во бракот?

Кога имаме постапка за развод на брак и притоа брачните другари имаат малолетни деца или деца врз кои е продолжено родителското право, потребно е да бидат уредени прашањата за издршка и лични контакти помеѓу децата и родителите.

Во овој случај кога е иницирана постапката пред суд, судот задолжително го препраќа предметот до надлежниот Центар за социјални работи.

Судот во соработка со Центарот за социјални работи одлучува за тоа кај кој родител ќе живеат децата и на каков начин и во колкав износ родителот со кој детето не живее ќе плаќа издршка за децата.

Истите одлучуваат и за одржувањето на лични и непосредни контакти помеѓу родителот со кој не живеат децата и децата.

Кога бракот се разведува по спогодбен предлог за развод, брачните другари поднесуваат спогодба во која ги уредуваат прашањата околу нивните деца.

Истата спогодба ја испитува и одобрува ЦСР и доколку оцени дека содржината на спогодбата е во најдобар интерес на децата му предлага на судот да ја прифати и истиот да донесе одлука околу прашањата за децата врз основа на спогодбата.

Доколку брачните другари при постапката за развод на брак не постигнале спогодба околу тоа кај кого од нив детето ќе остане на чување и воспитување, за начинот на одржување на личните односи и непосредни контакти со детето, во тој случај Центарот за социјални работи носи решение за тоа.

Центарот за социјални работи решението го носи врз основа на испитување на одредени материјални и социјални прилики на родителите водејќи грижа за принципот на најдобар интерес за детето.

Развод на брак, тужба за развод на брак, спогодбен развод на брак, спогодбен предлог за развод на брак

Дали одлуката на судот за чување и воспитание на децата може да биде променета?

Во постапката за развод на брак со која се одлучува и околу чувањето и воспитанието на децата и околу односите на разведените брачни другари спрема нивните заеднички деца, не важи добро познатото правило во правото на res iudicata, односно пресудена ствар.

Односно, судот по барање на еден од разведените брачни другари или центарот за социјална работа, ќе ја измени неговата одлука за чување и воспитание на децата и за односите на разведените брачни другари спрема нивните заеднички деца, доколку тоа го бараат изменетите околности.

Кој суд е надлежен да постапува во постапките за развод на брак?

Во постапките за развод на брак согласно Законот за семејство и согласно Законот за парнична постапка, покрај судот од општа месна надлежност, месно надлежен е и судот на чија територија брачните другари имале последно заедничко живеалиште.

Како се поведува постапката за развод на брак?

Доколку брачните другари постигнале спогодба за развод на бракот, истата се поведува со тужба со спогодбен предлог за развод на бракот.

Притоа, доколку истите имаат деца, задолжително заедно со тужбата со спогодбен предлог за развод на бракот, поднесуваат и Спогодба за начинот на вршење на родителските права и должности и за издржувањето и воспитувањето на деца.

Доколку брачните другари кон предлогот за спогодбен развод на брак, не достават Спогодба за вршење на родителските права судот предлогот ќе го отфрли како неуреден.

Кога брачните другари не постигнале спогодба за развод на бракот, истата парнична постапка се иницира со поднесување на тужба пред надлежниот суд од страна на еден од брачните другари против другиот брачен другар во согласност со причините за развод на бракот уредени со ЗС.

Постапка за мирење на брачните другари

Судот, откако ќе ја прими тужбата за развод на брак или предлогот за спогодбен развод на бракот, пред доставувањето на тужбата на тужениот, спроведува постапка за мирење на брачните другари.

Оваа постапка нема да биде спроведена во следните случаи:

– Доколку еден од брачните другари е неспособен за расудување;
– Еден или обата брачни другари живеат во странство;
– Едниот брачен другар е со непознато место на живеење подолго од шест месеци и
– По противтужба за развод на брак, без оглед кога е таа поднесена, а обидот за мирење на брачните другари по тужбата завршил безуспешно.

Доколку брачните другари имаат заеднички малолетни деца или деца над кои е продолжено родителското право, оваа постапка се спроведува пред Центарот за социјални работи.

Кај оваа постапка потребно е да се знае дека ова рочиште е посебно рочиште и истото не смее да биде споено со рочиштето за главна расправа се со цел да се остави простор на брачните другари во меѓувреме да се смират.

На ова рочиште задолжително треба двајцата брачни другари лично да присуствуваат.

Дополнително, во духот на зачувување на брачната заедница судот доколку на рочиштето за мирење увиди дека постојат изгледи да дојде до помирување, односно ако не е добиено цврсто уверување дека натамошното мирење е залудно, истиот може да определи ново рочиште за обид за мирење.

Дали имотните спорови помеѓу брачните другари се решаваат заедно со бракоразводната парница?

Имотните спорови помеѓу брачните другари освен споровите за издржување не можат да се решаваат заедно со бракоразводниот спор.

Постапката за имотни спорови е посебна судска постапка која секој од брачните другари може да ја поведе пред надлежен суд независно од бракоразводната парница.

Дали тужбата и предлогот за спогодбен развод на брак можат да бидат повлечени?

Во споровите за развод на брак тужителот може да ја повлече тужбата до заклучување на главната расправа без согласност на тужениот, а со согласност на тужениот додека постапката правосилно не е завршена.

Ако тужбата е повлечена по донесување на првостепената пресуда, судот со решение ќе констатира дека тужбата е повлечена, дека пресудата е без правно дејство и дека постапката се запира.

Изјава за повлекување на тужбата се упатува до првостепениот суд и кога постапката по правен лек е во тек кај апелационен суд. Во ваков случај, првостепениот суд ќе ги побара списите од второстепениот суд и ќе донесе решение со кое ќе констатира дека тужбата е повлечена.

Предлогот за спогодбен развод на брак, брачните другари можат да го повлечат се додека постапката правосилно не е завршена.

Доколку еден од брачните другари се откаже од предлогот ќе се смета дека предлогот е повлечен.

Истиот може да се повлече со поднесок до судот или на записник пред судот.

Развод на брак, тужба за развод на брак, спогодбен развод на брак, спогодбен предлог за развод на брак

Завршна напомена

Иако навидум постапката за развод на брак изгледа релативно лесна постапка со која се разведува бракот, сепак истата може да биде финансиски исцрпувачка и некогаш да трае подолго.

Имено, постапката може битно да биде усложнета доколку брачните другари во текот на парницата не се согласуваат околу причините за разводот и доколку не се согласуваат околу начинот на вршење на родителското право за своите малолетни деца или деца врз кои е продолжено родителското право.

Во ваквите случаи истата постапка може да трае многу подолго и да биде од огромен финансиски терет за брачните другари кои се разведуваат.

За да се избегне ова, секогаш е подобро кога брачните другари мирно се разделуваат преку постапка за спогодбен развод која може да биде завршена и со одржување на една главна расправа.

Пожелно е и брачните другари пред поведување на постапката да знаат кој суд би бил надлежен во бракоразводната парница како и кои се разликите помеѓу спогодбената постапка и постапката по тужба.

Битно е брачните другари да знаат и дека самото поведување на постапката не значи дека мораат да се разведат, односно дека во постапката за мирење како и се до правосилноста на пресудата на првостепениот суд можат да се откажат од разводот.

За повеќе информации во врска со оваа тема, проверете го текстот на Институт за комуникациски студии.

Проверете го и нашиот најнов блог за новиот Правилник за заштита на лични податоци.

закажи состанок

Информативен блог

To top