Инвестиции во стартапи – нови поими, стари постапки
Во последните неколку години, инвестициите за стартап компании во рана фаза кај нас значително се зголемуваат. Инвестициите во рана фаза обично се движат меѓу 30.000 и 500.000 евра. Овие средства претставуваат почетен капитал за стартапи кои се во фаза на идеја или веќе имаат изградено почетен продукт. Македонските стартап продукти како: Hey Reach, Coach Microlearning, Air Port Briefing, Earth Care и многу други веќе имаат добиено почетни инвестиции. Сега продолжуваат со развој на компанијата, на продуктот и излез на странски пазари.
Инвестициите доаѓаат од различни извори, домашни или странски кои се: државни, мешани или приватни. Финансиите доаѓаат од ангел инвеститори, програми и акцелератори, фондови и сл. Дел од домашниот пристап до капитал, со инвестиција во замена за удел се: 700 Accelerator, Seavus Accelerator, CEED – Business Angels Club, X-Factor Accelerator, Ukim Business Accelerator и други. Додека пак од странскиот капитал, кои инвестирале во наши тимови се: Keiretsu Forum, South Central Ventures, Techstars, Day One Capital, Vitosha Ventures, Fill Rouge Capital и други.
Кога ќе се поминат сите чекори за обезбедување на една инвестиција (програма, презентација, преговори…), се доаѓа до правните аспекти на процесот. Ова значи пренесување на процесот во соодветна документација и правна постапка. Поставувањето на добра правна рамка низ меѓусебните договори, во која и основачите и инвеститорите се подеднакво заштитени е еден од најголемите предизвици.
Низ разговорите со инвеститорите и стартап клиентите се користат поими како: SAFE Agreement, pre-money/post-money valuation, convertibles, term sheet, equity investment, tag along/drag along, pre-emptive rights, liquidation preference clause, shares vesting for founders и други слични термини. Овие поими имаат различен превод кај нас, а дел ги имаме и во Законите.
Меѓутоа, имајќи предвид дека нашиот Закон за трговските друштва е донесен пред околу 20 години, претставува редизвик, овие поими да се интегрираат во соодветни договори и правна постапка. Доколку дојде до спор, за судската пракса не може да се зборува, бидејќи не постои.
Што е Term Sheet, дали може да се смета како понуда?
Term Sheet е документ што произлегува од преговорите помеѓу инвеститорот и основачот на стартапот. Во овој документ се утврдуваат клучните елементи на главниот договор за инвестирање. Тука спаѓаат: висината на финансиските средства, уделот што инвеститорот ќе го добие, начинот на вложување и останатите услови, права и обврски.
Согласно член 24 став 1 од Законот за облигациони односи, се наведува дека: „Понудата е предлог за склучување на договор направен за определено лице која ги содржи сите суштествени состојки на договорот“.
Дополнително, според член 28 став 1 од истиот закон: „Понудувачот е врзан со понудата освен ако ја исклучил својата обврска да ја одржи понудата, или ако тоа исклучување произлегува од околностите на работата“.
Затоа, ако овој документ го идентификуваме во нашето законодавство, тој би претставувал „Понуда за инвестирање“. Понудата е со исклучување на обврската да се одржи таа понуда, односно и ако исклучувањето произлегува од околностите на работата (на пример, не се соберат потребните средства во проекцијата на инвестициската рунда).
На пример:
Стартап компанијата Х има цел во почетна фаза да собере 50.000 евра за 10% од својата компанија. Средствата ги прибира од повеќе приватни инвеститори. Во текот на неколку месечни преговори со различни приватни инвеститори, стартап компанијата добива неколку Term Sheet (необврзувачки понуди) од различни инвеститори кои сакаат да инвестираат вкупно 36.000 евра. Ако стартап компанијата не успее да најде дополнителни 14.000 евра, тоа значи дека не се исполнети условите за инвестицијата и финансиската рунда пропаѓа.
Дали Term Sheet е задолжителен документ за секоја инвестиција?
Најчесто, кога стартап компанијата добива финансии од еден или неколку инвеститори кои настапуваат заедно, ваков документ не е потребен. Причината е што, ако страните се спогодат за суштествените елементи, веднаш се преминува на склучување на главниот Договор за инвестирање.
Овој документ не е задолжителен, но се користи и препорачува кога се работи за повеќе различни и независни инвеститори.
AI pic. generated with open art
Што е Договор за инвестирање (вложување)?
Договорот за инвестирање е основен и клучен документ што го регулира правниот однос помеѓу инвеститорот и стартап компанијата. Овој договор ги дефинира сите важни елементи и услови под кои ќе се одвива инвестицијата. Тој ги содржи договорените обврски и права на двете страни, начинот на вложување на средствата, и управувањето со стекнатиот удел во компанијата.
Клучни елементи на Договорот за инвестирање:
Износ на инвестицијата: Прецизно се утврдува сумата што инвеститорот ја вложува во стартапот и условите под кои таа инвестиција ќе биде извршена.
Начин на стекнување удел: Инвеститорот добива удел во компанијата, кој се одредува врз основа на проценетата вредност на стартапот (pre-money/post-money valuation). Уделот може да се стекне веднаш со преземање на нов влог и зголемување на основната главнина или како заем што под одредени услови се трансформира во влог.
Права и обврски: Се утврдуваат правата на инвеститорот и основачите, вклучувајќи права на глас, право на учество во управувањето, и ограничувања за пренос на уделот (tag along/drag along, pre-emptive rights). За повеќе детали околу овие права, погледнете ја брошурата „Мојот прв инвеститор“.
Таложење на уделот за основачите (shares vesting): Овој механизам определува колку долго основачите треба да останат во компанијата за да го стекнат целиот удел. Тој обезбедува дека основачите остануваат посветени на развојот на компанијата. Сепак, кај нас овој механизам не е возможен бидејќи уделите се добиваат целосно во моментот на преземање на влогот, при самото основање на компанијата. Наместо тоа, може да се користи договорна одредба – reverse vesting. Со оваа одредба, основачите се обврзуваат да останат во компанијата одреден период, а ако не ја исполнат оваа обврска, се согласуваат да го пренесат својот удел или дел од него назад на компанијата, без надомест.
Учество во идни фази на финансирање: Овие одредби определуваат исти или поволни услови за почетните инвеститори кои би инвестирале во наредни фази.
Значење на Договорот за инвестирање и дали се запишува во Централен Регистар?
Договорот за инвестирање не само што ги регулира односите помеѓу стартапот и инвеститорот, туку исто така има и важна улога во долгорочното управување на компанијата. Тој претставува основа за идните развојни фази, нови инвестиции, и евентуални излези (exits) од компанијата.
Во Законот за трговските друштва или Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, не е предвиден упис на овој Договор во ЦРМ. Ова значи дека Договорот за инвестирање се чува во архивата на компанијата.
img by mindandi on freepik
Pre-money / post-money valuation (вредност на компанијата пред и после инвестицијата)?
Вредноста на компанијата е еден од најважните аспекти при одредување на условите за инвестиција во стартап. Pre-money и post-money valuation се два клучни термина кои ја означуваат оваа вредност пред и после инвестицијата.
Pre-money valuation (Вредност пред инвестицијата)
Pre-money valuation претставува проценетата вредност на стартап компанијата пред да се изврши новата инвестиција. Важно е да се напомене дека постојат повеќе методологии на определување на вредност на една компанија. Меѓутоа, во почетните фази на развој и први инвестиции, оваа вредност ја определуваат „произволно“ самите основачи. На пример, ако основачите произволно определат вредност на компанијата како pre-money valuation од 500.000 евра и инвеститорот вложува 100.000 евра, тогаш проценетата вредност на стартапот пред инвестицијата е 500.000 евра.
Post-money valuation (Вредност после инвестицијата)
Post-money valuation, од друга страна, претставува вредноста на компанијата откако ќе се земе предвид новата инвестиција. Тоа е вкупната вредност на компанијата по инвестирањето и ја вклучува како pre-money вредноста, така и новите вложени средства. Во истиот пример, доколку стартапот има pre-money valuation од 500.000 евра и инвеститорот вложува 100.000 евра, тогаш post-money valuation ќе биде 600.000 евра.
Пример за пресметка на удели:
Pre-money valuation: 500.000 евра
Износ на инвестиција: 100.000 евра
Post-money valuation: 600.000 евра
Во овој случај, инвеститорот ќе добие удел во компанијата кој се пресметува како дел од post-money valuation:
Процент на удел = (Износ на инвестиција / Post-money valuation) × 100
Процент на удел = (100.000 евра / 600.000 евра) × 100 = 16.67%
Значи, инвеститорот ќе добие 16.67% од компанијата, додека преостанатите 83.33% остануваат кај постоечките основачи на стартапот.
Значење на Pre-money и Post-money valuation
Овие вредности се клучни во преговорите помеѓу инвеститорите и стартап компаниите. Pre-money valuation ја одредува почетната позиција на стартапот, додека post-money valuation ја одредува конечната структура на сопственоста после инвестицијата. Основачите обично се стремат кон повисок pre-money valuation за да задржат поголем дел од сопственоста, додека инвеститорите бараат фер вредност која ќе им обезбеди соодветен удел за нивната инвестиција.
Вредноста во релација со влоговите?
Согласно член 193 став 1 од Законот за трговските друштва: „Уделот на содружникот се определува според големината на влогот што го презел содружникот, освен ако со договорот за друштвото поинаку не е определено“
Овој член дозволува основачите и инвеститорите договорно да ги определат нивните удели. Ова значи дека иако влогот на инвеститорот е 100.000 евра, а влогот на основачите е 5.000 евра, со крајна висина на основната главнина од 105.000 евра, сепак договорно инвеститорот може да добие 16.67% удел, а основачите 83.33%. Бидејќи вредноста на компанијата е различна од влогот, а истата вредност не е предмет на упис во ЦРМ, туку произволно определена од основачите, многу е важен процесот на преговорите. Со добивањето на ваква инвестиција, произволната вредност добива некоја вид „конфирмација“ од инвеститорот, како реална вредност.
Cap Table (табела на капитал), кај нас книга на удели?
Cap Table е важен документ кој ја прикажува структурата на сопственоста во една стартап компанија. Овој документ дава детален преглед на сите содружници во компанијата, нивните удели, и на кој начин капиталот е распределен меѓу нив.
Cap Table е особено значаен за стартапите бидејќи овозможува јасен преглед на тоа кој има контрола во компанијата и каква е вредноста на уделите на секој содружник во различни фази на финансирање.
Кај нас, согласно ЗТД овој документ е определен како книга на удели.
Во член 195 став 1 од ЗТД е определено дека: „Управителот на друштвото е одговорен за водење на книгата на удели во којашто, по запишувањето на основањето на друштвото во трговскиот регистар, за секој содружник се внесуваат податоци за:
- Името и презимето,
- ЕМБГ,
- бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно
- фирмата (називот), седиштето, ЕМБС ако содружникот е правно лице,
- датумот на кој станал содружник,
- износот на влогот што содружникот го презел и што врз основа на тоа го уплатил или презел обврска да го уплати,
- начинот и времето на уплатите, дополнителните доплати што ги уплатил,
- опис и изјава за договорената вредност на непаричниот влог што е внесен или презел обврска да го внесе во иднина,
- сите обврски што го товарат уделот,
- бројот на гласовите што ги има при донесувањето на одлуките на содружниците,
- како и посебните права и должности што произлегуваат од уделот.“
Потреба од законски промени
Македонскиот стартап екосистем значително се развива, со сè поголем пристап до финансии и инвестиции во рана фаза. Сепак, овој напредок е придружен со бројни правни и регулаторни предизвици.
Законот за трговските друштва е донесен пред повеќе од две децении и не ги опфаќа специфичностите на денешните стартапи и нивните потреби за финансирање. Оваа ситуација бара внимателен и иновативен пристап при составувањето на договорите, како и одлична комуникација и разбирање меѓу основачите и инвеститорите. Основачите често треба да бидат спремни да преговараат за условите на инвестицијата, особено во однос на вредноста на компанијата и распределбата на уделите. Преговарачкиот процес не само што ги дефинира правата и обврските на двете страни, туку и влијае врз долгорочниот успех на компанијата.
Отсуството на судска пракса во оваа област дополнително ја усложнува ситуацијата, правејќи го неопходно инвеститорите и основачите внимателно да ги формулираат своите правни договори. Неопходно е да се осигура дека писмените договори се јасни и прецизни, за да се избегнат потенцијални спорови во иднина.
Поради ова, од големо значење се иницијативите за законски измени, како што е иницијативата за воведување на нов вид на трговско друштво – друштво со променлив капитал.
Идниот развој на стартап екосистемот многу ќе зависи од способноста на правната регулатива да се адаптира на новите предизвици и од усвојувањето на најдобрите меѓународни практики, со цел да се создаде правна сигурност и доверба меѓу инвеститорите и стартапите.
Напомена: Овој текст претставува информативна содржина, пренесена од важечките Закони во Македонија со лично мислење на авторот. Содржината во никој случај и во ниеден дел не треба да се смета за стручен совет.
ЗАКАЖИ СОСТАНОК СО НЕКОЈ ОД НАШИОТ ТИМ