Луѓето отсекогаш се обидувале да ги опишат и објаснат појавите во својата околина, да ја разберат објективната ставрност која ги опкружува. Она што било тешко да се објасни, често било поврзувано со легенди, приказни кои би направиле поврзување на она што се случува со она што во моментот било познато на човековото знаење. Како што ги проширувале знаењата, луѓето се повеќе ја барале вистината преку објективни причини за појавите во природата, истражувале за врските помеѓу проверените факти и ги систематизирале во логични концепти и модели.
Потребата од одговор на прашањето „Зошто?“ претходи на способноста да се предвиди повторно случување на некоја појава, како истата да се спречи доколку му штети на човекот, да се предизвика нејзиното случување доколку е корисна. Овој стремеж на човековиот интелект е во основата на појавата на науките. Наука е интелектуална и практична активност што опфаќа систематско проучување на структурата и однесувањето на физичкиот и природниот свет преку набљудување и експеримент. Најопштата поделба на науките е според предметот на проучување и во таа смисла тие се делат на општествени и природни науки.
Што е правото?
Правото е поим на кој му се припишува системот од правила што одредена земја или заедница го признава за да го регулира дејствувањето на нејзините жители и што може да се спроведе со наметнување казни. Потребата од овој систем се наоѓа во потребата од организирано живеење на луѓето во средина кадешто сите ќе имаат еднакви права и ќе бидат слободни. Дали можеме да размислуваме за правниот систем како обид за да се даде форма на етичкото и морално однесување кое е неопходно за непречено учествување на сите припадници во една заедница?
Поимот етика потекнува од старогрчкиот збор ethos, кој низ историјата имал различни значења – заедничко домување, одреден начин на живот. Зборот mos, moris во латинскиот јазик означува поведение (обичај) и се однесува на општата рамка на животното поведение. Следствено, поимите етика и морал се однесуваат на одредени начела и правила за однесување во некоја заедница или општествена група. Најповолно е да се каже дека правниот систем е отелотворување на овие начела преку закони, чијашто цел е да овозможат слободно општествено функционирање на секој граѓанин, што е загарантирано со можноста за спроведување казна за оние кои не ги почитуваат истите.
Зошто ни е потребен правниот систем за да сме слободни?
Човекот е единственото суштество кое има ум и говор, има способност за разликување на правилното од неправилното, има разум и развива чувства на совест. Според Маркус Тулиус Цицерон, „ограничени сме со правото, за да бидеме слободни“. Поопширно размислување може да издвоиме од учебникот по етика на проф. Др. Дејан Донев:
„За изградба и одржување на овој свет не е доволно какво било барање од луѓето, туку она кое на разумен начин ги ускладува и ги посредува различните интереси на луѓето во заедницата. Тоа значи дека овој свет без разлика на обликот на човечката заедница, почива на одредена мисловна и волева активност на луѓето – разумноста. Нејзина цел е постигнување на уредена заедница на луѓето во која се знае што човекот треба да прави за да биде исправен човек, при што смислата и целта на човековото дејствување, според Аристотел, е слободен живот на граѓаните во слободна заедница.“
Дали правото е наука?
Дали стремежот за разумно организирање на заедницата и создавањето систем од правила и нивно спроведување може да го сместиме во категоријата науки?
Еве го одговорот на Радослав Зизик, доктор по правна теорија и економист:
„Правните науки се сложени. Секако, примената на законот како што прават адвокатите нема никаква врска со науката. Сепак, анализата на правните регулативи од гледна точка на применетите науки во однесувањето или употребата на информатичка технологија може да се смета за научна.
Применетите науки во однесувањето покажуваат како човекот всушност функционира, донесува одлуки и се однесува, така што тие се клучни за примената на законот. Ваквото знаење овозможува да се направат хипотези и да се предвиди однесувањето на луѓето.
Од друга страна, алгоритмите и големите бази со податоци овозможуваат да се испита законот, да се направат хипотези и да се предвидат судските пресуди.