French Tech – иницијатива за поддршка и развој на стартап во Франција

24.07.2019

French Tech е мрежа од учесници во стартап екосистемот распространета во повеќе градови во Франција. Оваа иницијатива ја создала Владата на Франција во 2013 година со цел да се обединат и да бидат подостапни информациите и активностите кои се во прилог на стартап компаниите. French Tech вклучува бизнис инкубатори и акцелератори, инвеститори во стартапи, основачи на стартап компании, вработени во стартапи. Во склоп на оваа идеја за поддршка на стартап компаниите, Франција нуди можност за аплицирање за специјална French Tech виза во улога на основач на стартап, вработен или инвеститор, со ознака „пасош за таленти“.

French Tech виза за основач на стартап

Погодни апликанти за оваа виза се оние коишто имаат:

  • Економски иновативен стартап проект кој сакаат да го започнат во Франција;
  • Финансиски ресурси во вредност од барем минималната годишнаплата во Франција, т.е. најмалку 17,981.60 евра;
  • Одобрение од Француска јавна организација – Direccte.

За почеток на апликацијата, најпрвин треба стартап идејата да биде одобрена од некој од листата на бизнис инкубатори и акцелератори.

French Tech виза за вработување во стартап

За визата “Talent Passport” за вработување во стартап компанија во Франција може да аплицираат оние коишто имаат договор за работа во фирма која ги исполнува условите за да регрутира работници преку French Tech виза. Бруто годишната плата на договорот треба да изнесува барем два пати повеќе од минималната Француска плата, т.е. 36,509.20 евра. Стартап компанијата која може да прима равотници преку French Tech виза треба да биде регистрирана фирма која исполнува барем еден од условите:

  • Да има статус “Young Innovative Enterprise (JEI)”;
  • Во последните 5 години има добиено државен грант за иновација;
  • Фирма која е под покровителство на French Venture Capital;
  • Дел е од инкубаторска/акцелераторска програма од листата партнери на French Tech;
  • Има поминато низ програмата на French Tech.

French Tech виза за инвеститори

Соодветни апликанти за оваа категорија се:

  1. Фирми кои ќе раководат со ризичен капитал кои ќе отворат канцеларија во Франција;
  2. Странски инвеститори кои се избрани од фирма која раководи со ризичен капитал и е сместена во Франција;
  3. Бизнис ангели кои сакаат да се преселат во Франција.

Апликантот за “Talent Passport” виза со ознака „бизнис инвеститор“ , освен инвеститорот од точка 2, треба да:

  • Инвестира барем 300,000 евра во материјални или нематеријални добра;
  • Инвестира директно или преку компанија во која има барем 30% удел;
  • Има барем 10% удел од компанијата во која инвестира;
  • Создава или обезбедува вработувања за следните 4 години по инвестицијата.
стартап инвестиции

Апликација

За сите видови French Tech виза може да аплицираат лица кои живеат надвор од Франција – тие треба да го започнат процесот на апликација барем 3 месеци пред доаѓањето во Франција, или лица кои веќе се таму со некакава друга дозвола за престој – треба да аплицираат за барем 2 месеци пред нејзиното истекување. Се аплицира за виза за подолг престој и дозвола за престој (“Passeport Talent”) и овозможува престој во Франција како директор на фирмата, односно вработен, во времетраење од 4 години. Трошоците за апликација за виза изнесуваат 368 евра. Прилично едноставно е за апликантот да го понесе и семејството во Франција. Имено, на сопругот/сопругата на основачот на стартапот, односно вработениот или инвеститорот, веднаш им следува дозвола за престој со назнака “Talent Passport – Family”, а за малолетните деца е потребна само патна исправа. Ако во меѓувреме децата наполнат 18 години, треба да аплицираат за “Talent Passport – Family” виза.

Информативен блог

To top