Работна дозвола и престој за странец
Работна дозвола и престој за странец стануваат се поактуелни како во светот со глобализацијата, така и кај нас.
Вработувањето на странци се разликува од процесот на вработување на македонски државјани, бидејќи странските работници мора да исполнат специфични услови. Со исполнувањето на условите треба да обезбедат позитивно мислење за вработување издадено од страна на Агенцијата за вработување. Кај нас, овој процес е регулиран со Законот за вработување и работа на странци, Законот за странци и поврзани подзаконски акти. Дозволата се издава на определено времетраење, која може да се обновува пред истекот.
Квалификуван и неквалификуван работник – странец
При започнување со една ваква постапка, прв чекор е да се утврди дали станува збор за квалификуван или неквалификуван работник.
Разликата меѓу квалификуван и неквалификуван странски работник се однесува на нивото на стручност и експертиза што ги поседува за одредена позиција. Квалификуван работник е лице со специфични знаења и вештини што ги исполнува критериумите за одредени професии, особено оние што бараат диплома, лиценци или сертификации. Овие работници се барани за нивната способност да ги извршуваат посложените задачи што придонесуваат за економскиот раст и технолошкиот напредок во земјата.
Од друга страна, неквалификуван работник е лице кое извршува основни задачи што не бараат посебни вештини или стручност (на пример, работници во градежништво, домаќински работи и сл.). Неквалификуваните работници се поважни за задоволување на основните работни потреби и за поддршка на одредени сектори кои се соочуваат со недостиг на работна сила.
При издавање на мислење за вработување, Агенцијата за вработување прави проверка на македонскиот пазар на труд, со цел да утврди дали отворената позиција може да се потполни со работник од земјава. Доколку се утврди дека за отворената позиција постои недостаток на кадар кај нас, тогаш се исполнува условот да се разгледува апликацијата на странецот.
Земјата на потекло на странецот – виза за влез?
Втор чекор во процесот на вработување странски работници е податокот за земјата од која доаѓаат. Овој податок влијае врз потребата и условите за виза за влез. Во зависност од државата на потекло, странскиот работник може да биде предмет на различни визни режими.
За граѓани на земји кои имаат безвизен режим со Македонија, процесот е поедноставен, бидејќи тие можат да влезат во земјата без виза. Меѓутоа тие сè уште имаат потреба од работна дозвола за да можат да се вработат легално.
Од друга страна, за странци од земји кои не се дел од безвизниот режим, потребна е виза за влез која мора да се добие пред пристигнувањето. Ова значи дека, освен процесот на добивање работна дозвола, тие мора да исполнат и услови за виза за влез, што понекогаш може да го продолжи периодот за добивање дозвола за работа.
За секоја земја за која е потребна виза, како и контакт до наши претставништва во соодветните земји, може да најдете на линкот во брошурата: „Start a business and immigrate to Macedonia“.
Потребни документи
Со цел подготовка на апликацијата за работна дозвола и престој за странец, потребно е да се соберат соодветни документи како следи:
- Копија од пасош од странецот (заверена, верно на оригинал); Пасошот треба да биде валиден, да не е истечен, како и да не истекува во наредните месеци. Заверките можат да се направат во македонска амбасада или конзуларно претставништво, или кај надлежен нотар со дополнителен апостиле печат.
- Тековна состојба од македонската компанија која го врши вработувањето издадена од Централниот Регистар во оригинал.
- Договор за вработување меѓу странецот и македонската компанија, потпишан од страните во оригинал;
- Потврда за неосудуваност и потврда дека не се води кривична постапка за странецот; Издадена од матичната земја или земјата на престој – во оригинал издадена од тамошната надлежна институција, заврена со апостиле печат.
- Образложение од потребата за вработување, каде се опишуваат причините поради кои компанијата има потреба од вработување на предложениот странец; – Во оригинал, издаден и потпишан од компанијата која го врши вработувањето;
- Диплома за завршено образование за странецот, издадена од тамошната надлежна институција – во оригинал заверена со апостиле печат.
- Сертификати и препораки, кои ја докажуваат стручноста и вештините на странецот, во копија.
- Договор за закуп, кој потврдува дека странецот ќе има адреса и живеалиште во земјава. Договорот за закуп се доставува во оригинал, заверен на нотар. Истиот може да биде склучен од страна на апликантот, странец, или може да биде склучен од страна на компанијата која го вработува, со наведување во Договорот кој ќе живее во него, за колкаво времетраење и за кои цели.
- Здравствено осигурување, кое докажува дека странецот е здравствено осигуран, а истото може да биде и приватно патнично осигурување, кое се докажува со полисата.
- Соодветно поднесено барање за посредување за вработување во АВРМ не постаро од 30 дена.
- Бело картонче од полициска станица за пријавен влез во земјава, 48 саати од влезот во земјава.
- Соодветно пополнета и потпишана апликација – барање за издавање на дозвола за привремен престој, во содржина пропишана од Министерството за внатрешни работи.
Забелешка: потребните документи и заверки можат да варираат во зависност од земјата на потекло. Поради тоа препорачуваме да побарате стручен совет за најновите измени.
Сите странски документи треба да бидат преведени на македонски јазик од страна на овластен судски преведувач и преводот заверен на нотар.
Image by freepik
Самостојна проверка за потребни документи?
Собирањето на потребната документација за аплицирање за работна дозвола и престој за странецот, не е лесна задача.
Согласно моменталната состојба не постои лесно достапна информација за истото.
Доколку странецот нема свој правен застапник, најчесто, потребно е да се отиде физички во надлежниот сектор за странци при Министерството за внатрешни работи. Странецот таму може да се информира за потребните документи за поднесување на апликација. Исто така се случува во просториите, односно ходниците на надлежните сектори за внатрешни работи да стојат овие информации закачени, односно залепени на ѕидовите. Меѓутоа, доколку странците не го познаваат локалниот јазик и локацијата до која треба да се стигне за добивање на информација, дополнително се усложнува процесот.
Фотографија од потребни документи која може да се најде залепена на ѕид во ходниците на секторот за странци во Скопје
Што откако ќе се комплетира документацијата?
Откако ќе се припремаат соодветните документи, потребно е истите да се поднесат во секторот за странци.
Во Скопје, секторот за странци се наоѓа во зградата на МТВ на 9ти кат на адреса: Булевар Гоце Делчев 1000 Скопје,
локација: https://maps.app.goo.gl/tVbNSEUHnP6GZYW27
Слика преземена од kallerna — сопствено дело, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=139707204
Поднесувањето на потребната документација од странци се врши исклучиво во хартиена форма, со нивно физичко присуство или преку овластен полномошник. За аплицирање, странците најчесто чекаат во ред, понекогаш и по неколку часа, за да стигнат до канцеларијата каде можат да ги поднесат документите.
Дополнителен проблем во овој процес е тоа што при хартиеното поднесување не постои систем за земање бројчиња, со кој би се обезбедил ред по принципот „прв дојден – прв услужен.“ Поради ова, при големите гужви што се создаваат, редот често се губи, што доведува до незадоволство и конфузија. Оваа ситуација е особено изразена во Скопје, каде што голем број странци го регулираат престојот по различни основи.
Фотографија од редица во одделение за странци во Скопје
Разгледување на апликацијата
Овластените лица, односно службата за странци, имаат задача да ги прегледаат доставените документи во хартиена форма, и доколку сè е во ред, да ги примаат во обработка. Ако се забележи проблем во документацијата, предметот не се прима и документите му се враќаат на апликантот. Во тој случај, апликантот мора повторно да го помине целиот процес на поднесување за да ги коригира или дополни документите.
Доколку барањето и прилозите се во ред, истите се примаат од страна на службата за понатамошна обработка и достава по службена должност до Агенцијата за вработување со цел добивање на мислење за вработување.
Додека постапката е во тек, апликантите не можат да го следат текот на својот предмет онлајн, ниту да добијат информација за очекуваното време на одговор. Единствен начин за добивање информации е физички да ги посетат надлежните, да го пронајдат службеникот кој го разгледува нивниот предмет и директно да се информираат за статусот. За статусот на предметот во Агенцијата можат да се информираат во секторот за странци.
телефонски број: 023122397 – Одделение за странци во Агенција за вработување
Несигурност во постапката
Во секој случај, доколку апликацијата биде примена и истата ги содржи сите потребни докумени, сепак одобрувањето на дозволата и престојот се несигурни.
Согласно член 83 од Законот за странци наведено е следното:
- Став 2: „Привремен престој заради работа ќе се одобри ако Агенцијата издаде позитивно мислење дека странецот ги исполнува условите согласно со закон, доколку со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено“.
- Став 4: „Агенцијата е должна да го достави мислењето од ставот (2) на овој член до Министерството за внатрешни работи во рок од 15 работни дена од ден на приемот на документацијата“.
- Став 6: „Доколку Агенцијата не постапи во рокот од ставот (4) на овој член, ќе се смета дека мислењето е негативно“.
Според овој член – став 6, се предвидува можност Агенцијата за вработување воопшто да не постапува по предметите.
Ова значи дека доколку Агенцијата сака да одбие предмет, таа може воопшто и да не постапува по предметот. Бидејќи доколку донесе негативно решение, истото може да биде оспорено од страна на апликантот.Меѓутоа кога Агенцијата не носи никакво решение, во таков случај, МВР носи решение за одбивање, бидејќи Агенцијата се нема произнесено по предметот.
Апликантот не може да го оспорува ова Решение, бидејќи не се одлучува мериторно по предметот.
Одобрување на апликацијата – времетраење
Откако апликацијата е одобрена, странскиот државјанин добива известување од Министерството за внатрешни работи за истото.
Доколку е одобрен странецот треба да го посети секторот во определени приемни денови, согласно известувањето од МВР, за да се фотографира и да го подигне решението за престој. По фотографирањето, се издава „лична карта за привремен престој“ која содржи македонски матичен број, со што странскиот државјанин стекнува статус на резидент.
Откако ќе се заврши со овој дел, последниот чекор во постапката е компанијата да го пријави неговото вработување во одделението за странци во Агенцијата за вработување. Со оваа пријава, постапката за добивање престој и работа е завршена.
Како вработен, странскиот државјанин понатаму треба да прима редовна месечна плата и да биде социјално осигуран.
Времетраењето на целата постапка, сметајќи од моментот кога апликацијата е успешно поднесена во обработка, може да трае меѓу 2-3 месеци, а во некои случаи и повеќе од ова.
Како регистрацијата на фирма е поврзано со дозвола за престој?
Регистрацијата на фирма во Македонија може да биде еден од чекорите во процесот на добивање работна дозвола.
Самото регистрирање фирма не се смета за основ за добивање дозвола за престој, меѓутоа му овозможува на странскиот државјанин да започне деловни активности во земјата.
За да добие дозвола за престој и работа, странецот кој сака да започне бизнис има опција да се вработи во својата фирма, што го олеснува процесот на добивање на потребните дозволи.
Во вакви случаи, странскиот инвеститор се регистрира како сопственик и управител на компанијата и поднесува апликација за работна дозвола и престој врз основа на позицијата како управител што ја зазема во својата компанија. Овој чекор е легален и често користен механизам што им овозможува на странците да ги регулираат својот престој и работа, особено ако имаат намера долгорочно да останат и да ја развиваат компанијата.
Со добивањето на работна дозвола како вработен во својата фирма, странскиот државјанин истовремено ги исполнува и условите за регулирање на престојот.
Иницијатива на Стартап Македонија
Стартап Македонија поднесе иницијатива за дигитализација на оваа постапка до Министерството за дигитална трансформација.
Целта на дигитализацијата на постапката за добивање на работна дозвола и престој за странец ќе има големо влијание врз подобрувањето на деловната клима.
Еден од клучните очекувани резултати е значително намалување на времето потребно за обработка на апликациите. Автоматизацијата на процесот ќе го скрати времето за поднесување и проверка на документи, со што ќе се намали административниот товар за институциите и ќе се забрза добивањето на дозволите.
Понатаму, дигитализацијата ќе овозможи транспарентност во процесот, преку можноста за следење на статусот на апликациите во реално време. Ова ќе ја намали неизвесноста за компаниите и странците, кои сега ќе можат да имаат преглед до каде е нивниот предмет. Ваквиот систем ќе ги елиминира и физичките посети до надлежните институции, со што ќе се намалат дополнителните трошоци и времето потрошено на патување и чекање. Ова ќе ја направи постапката достапна за странци од било која земја.
Заклучок
Процесот на добивање работна дозвола и престој за странец во Македонија е регулиран со Законот за вработување и работа на странци, но останува предизвик за многумина поради својата комплексност и бирократски процедури. Основната поделба меѓу квалификувани и неквалификувани работници игра значајна улога во процесот, бидејќи влијае на тоа дали Агенцијата за вработување ќе даде позитивно мислење. Ова мислење е неопходно за одобрување на дозволата и зависи од моменталната состојба на пазарот на трудот, односно дали има домашни работници што би можеле да ја пополнат позицијата.
Странците кои аплицираат мора да поднесат обемна документација, која вклучува заверени копии од пасоши, потврди за неосудуваност, договори за вработување и докази за здравствено осигурување, меѓу другото. Сите документи мора да се поднесат во хартиена форма, што создава дополнителни предизвици, особено со долгите редови и чекањето во надлежните институции. Недостигот од транспарентност во следењето на статусот на апликацијата е дополнителен проблем, бидејќи апликантите мора физички да ги посетуваат институциите за да добијат информации, што ги усложнува процесите и ја зголемува неизвесноста.
Оваа ситуација е особено присутна во Скопје, каде што голем број странци аплицираат за престој и работа. Недостатокот на дигитални системи за аплицирање и следење на статусот на дозволите ја отежнува постапката. Дигитализацијата би го намалила времето за обработка, трошоците и физичките посети до институциите, со што би се подобрила целокупната деловна клима во земјата.
Напомена: Овој текст претставува информативна содржина, пренесена од важечките Закони во Македонија со лично мислење на авторот. Содржината во никој случај и во ниеден дел не треба да се смета за стручен совет.
ЗАКАЖИ СОСТАНОК СО НЕКОЈ ОД НАШИОТ ТИМ