регистрација на фирма

Регистрација на фирма во 2024 година е едноставна и кратка постапка, меѓутоа носи неколку дилеми кои претприемачите треба да ги одлучат.

Денес се повеќе претприемачи решаваат да го започнат својот бизнис, да ја развиваат својата идеја и да направат регистрација на своја фирма. Пред да се решат на чекорот за регистрирање на своја фирма, претприемачите сакаат да имаат јасна слика за постапката и правните дилеми кои овој процес ги носи со себе.
Целта на овој текст е да даде одговор на најчестите дилеми и прашања кои ги имаат претприемачите пред да донесат одлука за регистрирање на својата фирма. Во текстот ќе дадеме и детали на практичната постапка во чекор по чекор објаснување.

Пред да одлучите за основање на фирма треба да проверите:

Кој може да направи регистрација на фирма во 2024?

Во Македонија фирма може да регистрира:

  • домашно физичко лице;
  • домашно правно лице;
  • странско физичко лице;
  • странско правно лице;

Странците и домашните лица основаат фирма под истата постапка и под истите услови. Притоа, можни се секакви варијации во однос на основачите, односно во основачката структура може да постојат и домашни и странски физички и правни лица.

Исто така, секое физичко или правно лице може да биде основач на повеќе друштва.

Кој не може да направи регистрација на фирма?

Законот за трговските друштва определува кој не може да регистрира фирма.

Дел од ограничувањата се однесуваат за лица кои сториле кривично дело лажен стечај и со правосилна одлука на суд е утврдено дека се виновни за ваквото кривично дел. Се однесува за лица на кои им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, се додека траат правните последици од забраната овие лица не можат да регистрираат фирма. Доколку правно лице, односно друштво има блокирана сметка кај носител на платен промет, се додека трае блокадата на сметката нема да може да се јави како основач и да регистрира фирма. Нашиот Закон за трговски друштва пречистен (economy.gov.mk) (ЗТД) во членот 29 пропишува ограничувања односно пречки за лица (физички и правни) кои не можат да регистрираат фирма. Ограничувањата во детали можете да ги видите во Законот на линкот.

Доколку не се пронаоѓате во некое од ограничувањата согласно член 29 од ЗТД, тогаш можете да ја започнете постапката за основање на фирма.

Пред регистрацијата, треба да го одберете обликот за трговското друштво.

Облици на трговски друштва

Согласно Законот за трговските друштва постојат пет различни облици односно форми на трговски друштва:

  1. Јавно трговско друштво (ЈТД);
  2. Командитно друштво (КД);
  3. Друштво со ограничена одговорност (ДОО);
  4. Акционерско друштво (АД);
  5. Командитно друштво со акции (КДА);

Во Македонија најкористен облик на трговско друштво е Друштвото со ограничена одговорност од причина што еден од главните белези на ова трговско друштво е ограничената одговорност за обврските на друштвото од страна на неговите основачи. Ова во пракса би значело дека основачите на друштвото со ограничена одговорност со својот личен имот не одговараат за обврските на друштвото.

Доколку сте се одлучиле за обликот на ДОО, подолу следуваат чекорите за регистрација на друштво со ограничена одговорност.

registracija na firma

Регистрација на фирма – ДОО, по електронски пат (чекор по чекор)

Регистрацијата на фирма можете да направите сами или преку овластен регистрационен агент (адвокат или сметководител).

Доколку одлучите процесот да го водите сами, истото ќе треба да го направите на страницата на Централниот Регистар. За постапката ќе ви биде потребен и електронски потпис, издаден од некој од давателите на вакви услуги (КИБС, Банка и сл). Документите за регистрација на фирма се поднесуваат електронски преку порталот на Централниот Регистар, меѓутоа претходно истите треба да се подготват како следи:

Чекор 1 – Дефинирање на основните информации за фирмата

Без разлика дали постапката ќе ја водите сами, или постапката ќе ја спроведе овлстениот регистрационен агент, треба да ги подготвите следните информации:

  1. Назив на фирмата
  2. Адреса на седиштето
  3. Висина на основна главнина
  4. Распеделба на удел и висина на влог доколку се повеќе основачи
  5. Управител
  6. Претежна дејност
  7. Е-маил на друштвото
  8. Банка во која ќе се отвори првата сметка

Што значат сите овие 8 точки, ќе видиме подолу во текстот.

1. Назив на фирмата

Називот содржи „дескриптивен дел – кој упатува на дејноста што се врши“, „ГЛАВЕН НАЗИВ – главното име“ скратеницата ДОО или ДООЕЛ која што упатува на обликот, како и „Градот“ каде што се наоѓа адресата на седиштето.

Како примери за назив на друштва би ги навеле следните:
– Друштво за дигитални услуги (дескриптивен назив) ПРОГРАМИРАЈ ДОО Скопје (главен назив + облик + градот);
– Друштво за трговија и услуги (дескриптивен назив) РАБОТИ ДООЕЛ Струмица; (главен назив + облик + градот).

Во основачкиот акт на друштвото задолжително се запишува и скратениот назив на друштвото, а скратениот назив на друштвото е секогаш главниот дел од називот + обликот + градот. Во нашите примери скратени називи на двете друштва би биле:
– ПРОГРАМИРАЈ ДОО Скопје и
– РАБОТИ ДООЕЛ Струмица

Називот се наведува со големи и мали букви како што наведено во примерот.

2. Адреса на седиште

Секоја фирма мора да има определено свое седиште – адреса со точна улица и број.
Се смета дека седиште на трговското друштво е местото коешто е запишано во трговскиот регистар. Секоја промена на седиштето на фирмата мора да биде евидентирана во трговскиот регистар, односно во Централниот Регистар на Македонија.

За запишување на адресата не е потребен Договор за закуп или имотен лист.

ВИРТУЕЛНА АДРЕСА?

Терминот на „Витруелна адреса“ не е познат во нашето законодавство. Меѓутоа секоја „виртуелна адреса“ треба да биде поврзана со физичката адреса со цел да може да се изврши уписот во Централниот регистар. Адресата на седиштето е од суштинско значење, бидејќи сите официјални дописи се доставуваат на таа адреса и се сметаат за уредно примени, без разлика кој ги примил на таа адреса. Поради тоа, доколку набавувате „виртуелна адреса“, давателот на оваа услуга треба наверемено да ве известува за сите дописи што ќе стигаат на име на фирмата.

3. Основна главнина

Согласно Законот за трговските друштва, минималниот износ на основната главнина изнесува 5.000 евра.

Влогот може да биде во паричен или непаричен (во ствари, машини, недвижнина и сл. кои се внесуваат преку проценка направена од овластен проценител).

Овде е битно да биде напоменато дека уплатата на влоговите од страна на основачите на друштвото може да биде извршена во рок од 1 година од датумот на регистрирањето на фирмата. Ова значи дека фирма може да се регистрира со уплата на 0 денари на почетокот.

Овие средства доколку се во пари можат да бидат користени за сервисирање на најразлични обврски кои ги има друштвото како на пример исплата на плати на вработените или други трошоци на фирмата.

4. Распределба на удел меѓу основачите

Уделите на основачите во друштвото со ограничена одговорност се изразуваат во проценти. Основачите во документите за основање сами го определуваат и договараат меѓусебниот удел. Па така, доколку четворица основачи го основале друштвото уделите би можеле да изгледаат вака:
– Основач број 1- Удел од 56%;
– Основач број 2- Удел од 24%;
– Основач број 3- Удел од 16%;
– Основач број 4- Удел од 4%;

ДАЛИ УДЕЛОТ ТРЕБА ДА СООДВЕСТВУВА СО ВИСИНАТА НА ВЛОГОТ?

Процентуалниот износ на уделот на основачот не мора да кореспондира со висината на неговиот влог односно не мора да значи дека основачот кој уплатил најголем влог има и највисок процент на удел или обратно. Ова од причина што основачите имаат слобода меѓусебно да се договараат кој колкав удел ќе земе во друштвото и следствено на тоа со колкав процент ќе учествува во добивката и загубата на друштвото.
Процентуалниот износ на уделот основачите го уредуваат во основачкиот акт на Друштвото кој е наречен Договор за основање на друштво со ограничена одговорност. Основачи имаат можност меѓусебно да договорат и потпишат и Содружнички договор каде што подетално ги регулираат своите права и обврски во врска со содружничките односи во самото Друштво.

5. Управител

Како управител може да биде именувано било кое деловно способно физичко лице. Притоа, како управител може да се јави истото лице кое го основало друштвото.
За изборот на управител одлучуваат основачите и тој се именува при основањето на друштвото со Договорот за основање.
Овластувањата на управителот се определуваат со Договорот за основање. Основачите можат да одлучат управителот да има неограничени овластувања, односно да може да ги презема сите правни работи и дејствија што се поврзани и вообичаени за водење на работите и што се во интерес на друштвото.
Основачите можат да одлучат и да ги ограничат овластувањата на управителот со наведување на работите за кои управителот не може без нивна согласност да дејствува. Овие ограничувања задолжително се запишуваат во основачкиот акт и во тековната состојба на друштвото.

Како управител на ДОО во Македонија не може да биде именувано правно лице.
Како управители во Друштво со ограничена одговорност можат да бидат именувани и две или повеќе физички лица.
Во членот 29-а од Закон за трговски друштва можете да се информирате за лица кои согласно Законот не можат да бидат управители.

6. Претежна дејност

Секое трговско друштво мора да има определено свој предмет на работење, односно приоритетна дејност.

За одредени специфични дејности, друштвото мора да прибави согласности од релевантни државни институции со цел вршење на таа дејност, меѓутоа за најголем број на дејности, лиценца или одобрение не се потребни.
Дејностите во Република Македонија се класифицирани во национална класификација на дејности која може да ја преземете на следниот линк: Државен завод за статистика (stat.gov.mk).
При основање на друштвото, потребно е основачите да одберат шифра на приоритетна дејност на работење на друштвото која шифра задолжително се внесува во Централниот Регистар на РМ.

ОПШТА КЛАУЗУЛА ЗА БИЗНИС

Покрај претежната дејност, со регистрацијата, основачот може да определи друштвото да има и општа клазузла за бизнис, што значи дека друштвото ќе може да ја врши било која дејност од класификацијата (освен оние за кои е потребно одобрение).

7. Е-маил и банка каде ќе се отвори првата сметка

При основањето потребно ќе биде да се запише и е-маилот на компанијата (тоа може да биде е-маил на регистриран свој домеин или е-маил преку бесплатните сервиси). Исто така, се назначува во пријавата и каде ќе се отвори првата банкарска сметка.

регистрација на фирма

Чекор 2 – Состав и потпишување на потребната документација за регистрација на фирма

Доколку сте ги утврдиле информациите од чекор 1, треба да се состави и потпише потребната документација. Доколку сакате да ангажирате некој од нашите адвокати да ги заврши преостанатите чекори, кликнете на линкот и пополнете ја формата и ние ќе ве контактираме.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

За регистрација на фирмата потребно е да се состават документи кои ги содржат информациите од чекор 1 како следи:

  • Изјава/Договор за основање
  • Изјава согласно член 32 од ЗТД
  • Изјава согласно член 29 од ЗТД
  • Изјава согласно член 183 од ЗТД
  • ЗП образец

На сајтот на Централниот регистар на линкот, можете да ги најдете основните темплети на овие документи.

Чекор 3 – Поднесување на документите во Централен регистар

Во овој чекор претходно потпишаните документи од страна на основачите електронски се поднесуваат во Централниот регистар на Македонија.
Притоа, се пополнува електронска пријава за основање на компанија во која пријава се внесуваат сите податоци и се прикачуваат документите од претходниот чекор.
По поднесувањето на Пријавата за основање на компанија заедно со документацијата за основање, постапката за добивање на Решение за основање на страна на ЦРМ согласно Законот трае 24 часа.
Друштвото добива правен субјективитет и се смета за основано во моментот кога ќе добие Решение за основање од страна на Централниот Регистар на РМ. Со ова решение му се доделува Единствен матичен број (ЕМБС) и Единствен даночен број (ЕДБ).

Со овој чекор завршува регистрацијата на фирмата, меѓутоа следуваат уште неколку чекори кои треба да се преземат:

Чекор 4 – Упис на вистински сопственик

По добивањето на Решение за основање, друштвото има обврска да регистрира вистински сопственик. Притоа, ова треба да го направи во рок од 15 дена сметано од денот на Решението за основање. Доколку се надмине овој рок, Централниот регистар наплаќа надомест за доцнење.

Не регистрирањето на вистински сопственик повлекува парична казна на сметка на друштвото.

Регистрацијата на вистински сопственик, друштвото исто така може да го направи преку овластен регистрационен агент кој поднесува електронска пријава до ЦРМ за регистрација и упис на вистински сопственик.

Вистински сопственик на фирма е секое физичко лице-основач кој има удел во фирмата над 25%.
Притоа, како вистински сопственик на фирма не може да биде запишано правно лице. Уделот од над 25% во фирмата како физичко лице може да биде директен (доколку самото физичко лице е основач на фирмата) или индиректен доколку условите за вистински сопственик се исполнуваат посредно.
Како вистински сопственик на фирма може да биде запишано и лице кое остварува контрола над фирмата, доколку никој од основачите го немаат потребниот процентуален износ на удел во фирмата. Во овој чекор, многу е важно вашиот регистрационен агент кој го врши уписот на вистински сопственик, согласно правилата, да определи кое лице/а е вистински сопственик на фирмата.

За правилно утврдување на вистинскиот сопственик треба да се следат одредбите од Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Чекор 5 – Набавка на печати

Во овој чекор друштвото треба да прибави печати од комерцијална фирма што изработува печати. Печатите се изработуваат врз основа на Решението за основање на друштвото издадено од Централниот регистар на РМ.
Притоа, округлиот печат на друштвото го користи управителот кој потпишува најразлични документи во име на друштвото до чиј потпис потребно е и ставање на округол печат на друштвото.
Штембилот се користи за водење на деловодни броеви и уредна архива од страна на друштвото.

Чекор 6 – Отворање на сметка во банка

Во овој чекор, управителот на друштвото ги потпишува и става печати врз договорите од банката во која ќе биде отворена сметката и останатата документација потребна за отворање. Притоа, управителот ги бира видовите на услуги кои ги сака од страна на банката и сметките кои сака да бидат отворени (денарска, девизна).
При поднесување на документацијата, управителот треба да достави во банката ЗП образец заверен на нотар, Решението за основање и Тековна состојба за вистински сопственик.
Времетраењето на постапката за отворање на банкарска сметка зависи од конкретната банка и од сложеноста на основачката структура на друштвото (странски правни/физички лица).

Чекор 7 – Пријава на прв вработен во АВРМ (опционален)

При вработување во компанијата, вработените треба да бидат пријавени во задолжителното осигурување при Агенцијата за вработување на РМ.
Потребната документација за пријава на вработен:

  • Договор за вработување;
  • ППР образец;
  • Овластување за пријава на вработен;
  • Земање на М1/М2 образец од АВРМ за вработениот.

Доколку компанијата не ги пријави во задолжителното осигурување вработените, при трудова инспекција, компанијата може да биде казнета со опомена и глоба во согласност со законските прописи.

Повеќе детали околу постапката за вработување и работа од дома можете да најдете тука.

 

Секоја компанија треба да го усогласи своето работење со важечките закони. Преку 21 прашање од различни области, сами тестирајте ги и идентификувајте ги областите во кои вашата компанија можеби не ги следи законите. На крајот, овој тест веднаш ќе генерира сумарен износ – проценка на потенцијалните парични казни – глоби за одговорите каде не сте усогласени.

Проверка за потенцијални глоби -тест

Регистрација на фирма од далечина?

Голема олеснителна околност при основање на друштво е можноста тоа да биде направено со потпишување на документите на далечина.
Имено, странци или домашни претприемачи имаат можност да ја регистрираат својата фирма во Македонија од далечина затоа што пријавата и документите се поднесуваат од ЦРМ исклучиво по електронски пат.
Доколку регистрацијата на фирма од далечина се прави преку регистрационен агент, согласно Законот за едношалтерски систем, документите треба да бидат потпишани во присуство на регистрациониот агент.
Притоа, регистрациониот агент со својот електронски квалификуван потпис ги потврдува потписите на основачите.

Дали странец може да добие привремен престој, со регистрација на фирма?

Ова е многу често поставувано прашање од страна на странци кои сакаат да ја основаат својата фирма во Македонија и да го водат својот бизнис од Македонија.

Меѓутоа краткиот одговор – е НЕ. Основањето на фирма не претставува основ за престој. 
Имено, согласно Законот за странци постојат повеќе основи за добивање на дозвола за престој во Македонија, а еден од тие начини е врз основа на само-вработување или вработување.

Доколку странец сака да добие престој, покрај основањето на фирмата, истиот треба и да поднесе апликација за добивање на работна дозвола (позитивно мислење од аврм за само-вработување). Преку само-вработувањето во својата фирма, странецот ќе добие и привремен престој. Секако само-вработувањето повлекува месечни трошоци за фирмата за плата и сметководство.

Конечната одлука за оваа постапка ја имаат релевантните институции кои врз основа на законските критериуми и дополнителни услови донесуваат Решение за одобрување или одбивање на привремен престој во Македонија.

 

Напомена: Овој текст претставува информативна содржина, пренесена од важечките Закони во Македонија со лично мислење на авторот. Содржината во никој случај и во ниеден дел не треба да се смета за стручен совет.

 

ЗАКАЖИ СОСТАНОК СО НЕКОЈ ОД НАШИОТ ТИМзакажи состанок

Информативен блог

To top