Активностите на бизнис ангели во С.Македонија првпат се забележани во годишните извештаи на Европската мрежа од бизнис ангели во 2014 година. За споредба, избравме три држави. Едната бележи раст на инвестициите од бизнис ангели, а еден од факторите за тоа е пакет од олеснителни мерки од Владата (Португалија); една држава од нашиот регион (Бугарија); и уште една држава, за којашто нема информации за владини мерки кои ги стимулираат активностите на бизнис ангели (Словачка).
Помеѓу овие држави, Португалија ја има водечката улога според бројот на бизнис ангели и според вкупната сума на инвестиции. Таму, првата мрежа на бизнис ангели се појавила во 2000 година. Инвестираната сума имала растечки тренд до 2014 година, понатаму забележуваме пад кој не ја нарушува стабилноста на бројот на мрежи од бизнис ангели или бројот на инвестиции на годишно ниво.
Во периодот 2008 – 2011 година Владата на Португалија создадала тројна Програма за бизнис ангели:
1. Сертификација на бизнис ангели
2. Даночно очеснување за бизнис ангелите (фискални стимулации)
3. Ко-инвестициски фонд на бизнис ангелите
Развојот на активностите на бизнис ангелите во Словачка е во почетна фаза. Постојат три мрежи од бизнис ангели: 42 Ангели, Словачки клуб на бизнис ангели, управуван од Здружението на млади претприемачи и Мрежата на ангели Татрабанка, управувана во партнерство со Краудбери (Crowdberry). Според Јарослав Луптак, инвестициски менаџер од Neulogy Ventures, „во Словачка има малку активни бизнис ангели-инвеститори во Словачка, но сè повеќе успешни претприемачи се вклучуваат во стартап компании како ментори и/или инвеститори“. Од 2014 година навака, според извештаите на ЕМБА може да се види дека вкупните инвестиции изнесуваат околу 2 милиони евра годишно.
Економијата во Бугарија бележи раст во последните петнаесетина години, а со тоа се забележува и позитивен развој на активностите од бизнис ангели во државата. Овој забрзан раст може да се препише на повеќе фактори, иако клучните индикатори за економскиот успех на Бугарија се нивната поддршка на МСП, особено стартап компании, поддршката на мрежите на бизнис ангелите и имплементацијата и користењето на конвертибилни хартии од вредност, обврзници и позајмици. Во 2013 година, Бугарија до ЕМБА пријавила вкупно инвестиции од околу 3 милиони евра. Потоа, наредните години, има постојан раст на бројот на инвестиции. Најмногу од нив се поврзуваат со компании од ИТ секторот.
Повеќе за активностите на бизнис ангелите во С.Македонија и компаративната анализа, прочитајте во истражувањето „Инвестиции од бизнис ангели во С.Македонија: законска и финансиска анализа“.