Договор за вработување во 2024 (работа од дома | канцеларија)

15.05.2024
Договор за вработување во 2024 работа од дома - канцеларија

Согласно Законот за работните односи, денес во 2024 година постои можност за склучување на Договор за вработување со работа од дома.  Ова е резултат на тоа што работата од далечина е секојдневие за многу индустрии, но најмногу за ИТ индустријата. Се покажа дека вработените се ефективни и ефикасни и кога не се физички присутни во канцеларија. Поради тоа, работодавците, согласно нивната компаниска култура и согласно можностите на работните процеси, дозволуваат работа од дома, односно работа од далечина.

Законодавецот, во Законот за работните односи, во член 50 ја уредува оваа можност со Договор за вработување за работа од дома. Без разлика дали вработениот работи од дома или работи од канцеларија, сеуште важат правилата за Договор за вработување кои се уредени со Законот за работни односи. Па така се создаваат неколку отворени прашања поврзани со оваа тема.

Договор за вработување – задолжителна содржина

Согласно Законот за работните односи, Договорот за вработување се склучува во писмена форма и се чува во седиштето на фирмата. На денот на потпишувањето на Договорот за вработување еден примерок се дава на вработениот.
Со член 28 е уредена задолжителна содржина на Договор за вработување и истиот треба да ги содржи следните работи:

  1. Податоци за договорните страни, нивното живеалиште, односно седиште;
  2. Датум на стапување на работа;
  3. Назив на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување;
  4. Одредби за обврската на работодавачот да го информира работникот за ризичните работни места и посебни стручни квалификации или познавања или неопходен посебен медицински надзор, во согласност со закон, со наведување на посебните ризици кои според законските прописи можат да бидат последица од работата;
  5. Место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место, се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот;
  6. Време на траење на работниот однос, кога е склучен договор за определено време;
  7. Одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време;
  8. Одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време;
  9. Одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ, која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување;
  10. Одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор;
  11. Одредба за годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор и
  12. Наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот.

Договорот за вработување може да содржи и други права и обврски определени со Законот за работните односи или колективен договор.

Прекршочни глоби – казни

Законодавецот, определил глоби казни, доколку компаниите не се усогласат со Законот за работните односи. Па така согласно член 256 од Законот за работните односи наведено е дека

  • доколку Договорот за вработување не ги содржи задолжителните информации;
  • работникот не добие примерок од Договорот за вработување на денот на потпишувањето;
  • или примерок не се чува во седиштето на фирмата,

предвидени се глоби од 200 до 1000 евра за секоја ставка посебно, во зависност од големината на фирмата.

 

Секоја компанија треба да го усогласи своето работење со важечките закони. Преку 21 прашање од различни области, сами тестирајте ги и идентификувајте ги областите во кои вашата компанија можеби не ги следи законите. На крајот, овој тест веднаш ќе генерира сумарен износ – проценка на потенцијалните парични казни – глоби за одговорите каде не сте усогласени. 

Проверка за потенцијални глоби -тест

Договор за вработување со работа од дома

Согласно член 50, Законот за работните односи, ја уредува работата од дома на следниот начин:

  • Како вршење на работа дома се смета работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот.
  • Со договорот за вработување со вршење на работа дома работодавачот и работникот можат да се договорат, работникот да ја врши работата дома.
  • Работодавачот е должен договорот за вработување за вршење на работа дома да му го достави на инспекторот на трудот, во рок од три дена од денот на склучувањето на договорот.
  • Правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома, се уредуваат меѓу работодавачот и работникот со договорот за вработување.
  • Работникот има право на надомест за употребата на своите средства за работата дома. Висината на надоместокот ја определуваат работодавачот и работникот во договорот за вработување.
  • Работодавачот е должен да обезбеди безбедни услови за заштита при работа дома.

Иако овој член е чекор напред во регулирањето на оваа област, сеуште постојат неколку дилеми кои овој член ги отвора.

ПРЕДИЗВИЦИ: На што треба да се внимава кога се склучува Договор за вработување со работа од дома?

Безбедност и здравје при работа, што во случај на повреда?

Во овој член е определено дека како работа од дома се смета работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот.  Законодавецот определува дека работодавачот е должен да обезбеди безбедни услови за заштита при работа од дома.

Ова значи дека работодавецот треба да знае од каде работи работникот и за тоа место да обезбеди безбедни услови за заштита при работа (што значи работа од кафулиња, работа од плажа и сл., тешко би се усогласиле со овој член).

Се поставува прашањето – што во случај на незгода? Дали ова ќе има третман на повреда при работа и дали одговорноста ќе биде кај работодавачот?

Согласно Законот за работните односи, во случај на инспекција, работодавецот треба да демонстира дека го усогласил своето работење со Законот, што во ваков случај би било речиси невозможно.

Евиденција на работно време, отказ поради 3 дена недоаѓање?

Друг аспект на кој треба да се внимава е евиденцијата на работното време и докажувањето дали работникот бил или не бил на работа (доколку работи од дома, од далечина).
Еден од основите за престанок на Договор за вработување без отказен рок е неоправдано изостанување од работа 3 последователни работни дена или 5 дена вкупно во текот на една година.
Во случај кога работниците работат од дома, доколку работодавецот нема воспоставено систем за евидентирање на работното време дома, постои изложеност. Во случај ако ваков систем не е воспоставен, доколку работникот не работи 3 последователни дена, работодавецот не би можел тоа да го докаже, па соодветно на тоа, не би можел да го искористи овој основ за прекин на работниот однос.
Доколку во секој случај го стори тоа и го прекине работниот однос поради 3 дена недоаѓање на работа, ќе биде изложен на потенцијална глоба пред надлежен инспектор и дополнително пред суд во случај на судска постапка и тужба од работникот.

Со овој член е уредено дека работникот има право на надомест за употреба на своите средства за работа дома, такашто, при склучување на ваков Договор за вработување, овој аспект исто така треба да биде определен.

Известување до инспекторот за трудот?

Со членот 50 за Договорот за вработување за работа од дома, определено е и дека работодавачот е должен договорот за вработување за вршење на работа дома да му го достави на инспекторот на трудот, во рок од три дена од денот на склучувањето на договорот. При што исто така се поставува прашањето за ефикасноста и строгоста на овој член.

Во наредните измени на ЗРО ова се неколку аспекти кои треба да се размислат и да се доуредат.

Работа од далечина

(designed by Freepik)

Што не смее да прави работодавачот, пред склучување на Договор за вработување?

Пред да се потпише Договорот за вработување, Законот условува неколку правила како права и обврски на работодавачот кои треба да се почитуваат. Доколку работодавачот не ги почитува, истите претставуваат изложеност за потенцијални глоби или судски постапки.

Па така:

  • Работодавачот при склучувањето на договорот за вработување не смее да бара податоци за семејниот, односно брачниот статус и планирање на семејството, односно доставување на други исправи и докази.
  • Доколку работата предизвикува значителен ризик за здравјето на мајката и детето, работодавачот е должен да ја извести работничката за опасностите кои произлегуваат од работата при склучувањето на договорот за вработување.
  • Работодавачот не смее да го условува склучувањето на договорот за вработување со потпишување на спогодба во врска со престанок на работниот однос.
  • Работодавачот мора пред склучувањето на договорот за вработувањето да го запознае кандидатот со работата, условите на работа, како и правата на работниците.

Од друга страна работникот е должен да му достави на работодавачот докази за исполнување на условите за вршење на работата и да го извести за сите нему познати факти, значајни за работниот однос. Работникот треба да извести и за болестите или други околности кои можат како било да го оневозможат или да го ограничат при извршувањето на обврските на Договорот.

Што откако ќе се потпише Договор за вработување? (пријава во АВРМ – постапка)

Работникот не може да стапи на работа пред да се склучи Договор за вработување и пред работодавачот да го пријави во задолжително социјално осигурување.
Ова значи дека со потпишувањето на Договорот за вработување, не завршува постапката за вработување на работникот.

Без разлика дали Договорот за вработување ќе биде склучен за работа од дома или работа во седиштето на компанијата, работодавачот е должен да поднесе пријава/одјава М1/М2 за работникот во задолжително социјално осигурување (пензиско и инвалидско, здравствено и осигурување во случај на невработеност).

Пријавата се поднесува по електронски пат или непосредно во Агенцијата со:

  • приложување на ППР образец (поднесен претходно);
  • овластување на овластено лице со список за лица кои ги пријавува/одјавува, во кое се наведени името, презимето и ЕМБГ, како и бројот на договорот за вработување и датумот на склучување на договорот за вработување.

Пријавувањето се врши еден ден пред работникот да стапи на работа, а за итни и неодложни работи, најмалку еден час пред работникот да стапи на работа.

ППР образецот можете да го преземете од страницата на Агенцијата за вработување, на следниот линк

Овластувањето исто така може да се преземе од страницата на Агенцијата за вработување на следниот линк

Заверена фотокопија од пријавата или извод од компјутерски запис од информацискиот систем на Агенцијата му се врачува на работникот во рок од три дена од денот на стапувањето на работа.

Податоците од Договорот за вработување се доставуваат со финансиските служби или соработници на работодавачот за соодветна калкулација и исплата на плата.

ЗАКАЖИ СОСТАНОК СО НЕКОЈ ОД НАШИОТ ТИМ

Информативен блог

To top