Надомест на штета од сообраќајна незгода

19.06.2021

Поим и видови штета

Според законот за Облигациони односи под штета се подразбира намалување на нечија имотна корист или спречување на нејзино зголемување или нанесување на друга физичка болка, душевна болка или страв.

Постојат два видови институти на штета во нашиот правен систем како материјална и нематеријална штета.

Под материјална штета спаѓаат вредностите од имотна корист како намалување на имотната корист или спречување за нејзино зголемување и нанесување физичка болка.

Под институтот нематеријална штета спаѓаат во опсег духовни, психички, емоционални  и апстрактни вредности, повреди на личните права како претрпен душевен бол, страв, намалување на животна активност, нагрденост, чест, углед, достоинство, интелектуално творештво и друго, кои што се компезираат со паричен надоместок.

Одговорност за штета предизвикана од сообраќајни незгоди

Со настанување на сообраќајните незгоди може да дојде како до материјална така и до нематеријална штета.

Во законот за облигациони односи (ЗОО) е наведено кој ќе биде одговорен доколку дојде до ваква повреда на имотните и личните права, односно штета. Така, вина постои доколку сторителот ја сторил штетата намерно или со крајно невнимание.

Во случај на сообраќајна незгода, доколку оној кој што бил одговорен за несреќата ја причинил истата со невнимание или намерно, ќе сноси одговорност врз основа на вина. Доколку во сообраќајната незгода постои обострана вина на секој од имателите на моторни возила, имателите ќе одговараат солидарно.

Во ЗОО е определено кој е одговорен за сообраќајната незгода, но сепак лицето кое е одговорно за незгодата односно лицето кое е фактички штетник, не мора секогаш да се поклопува со лицето кое е правен штетник, тоа значи на пример лицето кое ја предизвикало сообраќајната несреќа да е фактички штетник, доколку лицето кое не ја предизвикало несреќата, но е сопственик на возилото со кое се причинило сообраќајната несреќа е правен штетник.

Осигурување за штета предизвикана од сообраќајна незгода

Доколку имателот на моторно возило го има осигурано возилото од штета во сообраќајна незгода, оној кој што има обврска да ја надомести штетата е осигурителната компанија.

Во Законот за задолжително осигурување во сообраќајни незгоди им наложува обврска на имателите на моторни возила пред да го пуштат возилото во сообраќај задолжително да го осигураат во случај на незгода. Со ова осигурување исто така се опфаќа и одговорноста на сите лица кои со согласност на сопственикот да управуваат со осигураното превозно средство.

Имателите на моторни возила склучуваат договор за осигурување од автомобилска одговорност, односно од одговорност за штети што со употреба на моторно возило ќе им ја причинат трети лица, како и оштетување на предметите од трети лица освен предметите кои ги примил за превоз.

Право на надомест на штета имаат и сите лица кои се наоѓаат во возилото кое ја предизвикало незгодата, и сите лица кои се наоѓаат во другите возила кои учествувале во несреќата, како и пешаците.

Во случај на сообраќајна незгода оштетеното лице треба да поднесе барање за надомест на штета до одговорното друштво за осигурување. Тужба може да се поднесе и откако оштетеното лице нема да биде задоволно од утврдениот надомест во вонсудска постапка.

Во случај кога во незгодата учествува и возило со странска регистрација, како и во претходно наведените случаи, друштвата за осигурување ја поднесуваат пријавата за штета до Гарантниот фонд на Националното биро за осигурување (кое го основаат најмалку две друштва за осигурување кои имаат дозвола за вршење работи на осиурување од автомобилска одговорност, и е правно лице) од каде ќе се рефундира надоместокот за штета.

Процес за обезбедување надомест на штета

Во случај на сообраќајна незгода лицата учесници во сообраќајната незгода се должни меѓусебно да разменат податоци од личните документи за идентификација, регистарски податоци за моторното возило и документите од кои може да се види дека склучиле договор за осигурување од автомобилска одговорност во согласност со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, и на барање на одговорното друштво за осигурување да дадат опширно и детално известување за околностите под кои се случила сообраќајната незгода. Тоа значи дека друштвото за осигурување со кое фактичкиот штетник има склучено договор за надомест на штета во случај на незгода, ја презема обврската за надомест на штета што ќе настане во случај на сообраќајна несреќа.

Информативен блог

To top