(нов) Вид на трговско друштво – Друштво со Променлив Капитал (ДПК)

19.12.2023
Друштво со променлив капитал во Македонија

Месец Ноември имаше суштинско значење за Стартап Македонија во рамки на напорите за подобрување на законската рамка за стартап компаниите.
Во изминатиот месец се сублимираа резултати од неколку активности од претходните 6 месеци, кои имаа за цел да мапираат потребa од законски измени.

МАПИРАЊЕ НА НОВИ ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА РЕГУЛАТИВАТА ЗА СТАРТАПИ

Активностите беа поделени во три столба:
1.Средби со релевантни институции и министерства: се реализираа средби со надлежни министерства и институции при што се утврди дека во моментов во Министерство за Економија активно се работи на регулатива поврзана со бизнис ангели, а во Министерство за Внатрешни работи се работи на воведување на визи за дигитални номади.

2.Средби со основачите на „founder’s club“ – клуб кој постои во рамки на Стартап Македонија, при што беше утврдено дека стартап компаниите особено се соочуваат со предизвици во:
• Платежните услуги и платни системи;
• Недостаток од регулатива за наградување на вработените со дел од удел од компанијата преку соодветни механизми (employees shares vesting);
• Комплексни постапки при прибирање нови инвестиции од инвеститори и преноси на удел.

3.Компаративна анализа за пракси во останати земји, при што беа разгледани Италија, Хрватска и Бугарија.

Врз основа на горенаведените активности, јасно се покажа потребата од модернизирање на правната регулатива која ќе може да одговори на потребите на иновативните стартап компании, инвеститори и претприемачи, кои што ќе се засноваат на договорна слобода при определување на структурата, компетентноста и функционирањето на органите на управување на друштвото, односите меѓу содружниците, како и инвеститорите.

Модернизирањето на правната регулатива треба да им даде солидна основа за развој на новата генерација на компании и продукти во различни сфери како: FinTech (иновации во финансиските услуги), BioTech (иновации во биотехнологиите), RegTech (иновации во управувањето со регулациските процеси), AI (вештачка интелегенција), Machine learning (машинско учење), Blockchain (блокчеин), IoT (интернет на нештата) итн.

ВОВЕДУВАЊЕ НА (НОВ ВИД) ТРГОВСКО ДРУШТВО – ДРУШТВО СО ПРОМЕНЛИВ КАПИТАЛ

Дел од предизвиците можат да бидат решени со воведување на нов вид на трговско друштво – ДПК – Друштво со променлив капитал, по примерот на останaтите земји како:
Германското Unternehmergesellschaft (UG) (Друштво на претприемачи);
Француското Sociеtе par actions simplifiсe (SAS) (поедноставено акционерско друштво);
Шпанското Sociedad Limitada Nueva Empresa (SLNE);
Словачкото Jednoducha spolodnost’ na akcie;
Полското Prosta spоlka akcyjna.

Најново со овие измени влегува и соседна Бугарија која на 01.08.2023 во Собранието на Бугарија изгласа нови промени во Законот за трговски друштва (Предложение за изменения и допълнения в Търговския Закон), со кои во Бугарија се воведува нов вид на трговско Друштво – Друштво со променлив капитал (Дружество с променлив капитал – „ДПК“ или Variable capital company – „VCC“)
Истото треба да почне да се применува од 30.06.2024, а до тогаш треба да се подготват институциите.

УСЛОВИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ИСПОЛНУВА ДРУШТВОТО?

Во предлог измените во Бугарија, Друштвото со променлив капитал треба да ги исполнува следните 2 услова:
• Да има помалку од 49 вработени
• Да има годишен приход /или/ книговодствена вредност од 4.000.000,оо BGN (околу 2 милиони евра).
Доколку некој од овие услови се надмине, друштвото се трансформира во ДОО или АД.

КОИ НОВИНИ ГИ ВОВЕДУВА ОВОЈ ВИД НА ТРГОВСКО ДРУШТВО?

Овој вид на друштво:
• Не мора да отвори посебна сметка за прибирање на капитал/финансии (но сепак треба да има оперативна банкарска сметка);
• Не мора да ги запишува промени во основната главнина во регистарот (истите се декларираат со завршната годишна сметка);
• Нема дефинирано минимална основна главнина;
• Содружниците не се запишуваат во централниот регистар (содружниците се запишуваат во интерната книга на удели – „книга на съдружниците“, меѓутоа во регистарот се запишуваат крајните сопственици);
• Регулирана можност за издавање на дел од сопствеништвото на друштвото кон вработените (employee shares options, shares vesting);
• Управувањето со друштвото може да го прави физичко или правно лице;
• Поедноставена постапка за пренос на удел;
• Одржување на собир на содружници преку електронска комуникација и свикување на собир на содружници и носење на одлуки преку електронски пат;

ОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ

Со овие промени се очекува да се создаде поголема флексибилност и достапност за создавањето и управувањето на иновативните и ориентирани кон брз раст мали компании, без да се создаваат дополнителни административни пречки, кое што ќе ги направи и привлечни за полесно прибирање на инвестиции.

Дозволувајќи им на учесниците на друштвото со променлив капитал сами да го определат и структурираат управувањето според потребите и меѓусебните договори со инвеститорите, би ги олеснило и намалило административните пречки и предизвици при управувањето.

Понатаму, многу полесно би можело да се креираат стимулациски мерки за развој на оваа област, кои што ќе бидат скроени за потребите на учесниците во стартап заедницата и ќе може директно да се таргетираат стартап компаниите кои се регистрирани како Друштво со променлив капитал.

photo by Dimitar Stvecev – free credential from Unsplash

КАКО Е ДЕФИНИРАНО ВО МАКЕДОНИЈА?

Кај нас, што е „стартап“ е дефинирано во Законот за иновациската дејност, со кој Закон се основаше „Фондот за иновации и технолошки развој“.

Согласно дефиницијата во овој Закон:
„Новоосновано микро, мало и средно трговско друштво старт-ап“ е трговско друштво основано од едно или повеќе физички и/или правни лица од чие основање до моментот на аплицирање за финансирање од Буџетот на Република Македонија, не поминале повеќе од шест години;
Оваа дефиниција има практична примена при аплицирање со проекти во Фондот, меѓутоа трговските друштва се основани како Друштво со ограничена одговорност (ДОО) или Поедноставено друштво со ограничена одговорност (ПДОО) и истите по големина можат да бидат, микро, мали или средни трговски друштва.

Носењето на едно ново решение за посебен вид на трговско друштво, по примерот на останатите европски земји, а најпоследно и Бугарија би требало да реши многу предизвици во стартап заедницата.

Овој идеја беше презентирана пред Министерството за Економија, при што напорите на Стартап Македонија во наредниот период, во рамки на подобрување на регулативата за стартапи, ќе се движат во оваа насока.

Закажете состанок со нашиот тим:

 

Информативен блог

To top