Во моментот кога идејата ќе прерасне во деловна активност која остварува финансиски трансакции, потребно е стартапот да регистрира трговско друштво во Централниот Регистар на РМ.
Со самото основање на Друштвото, постојат определени законски обврски кои треба да се почитуваат. Дел од обврските важат за определни видови на дејност, определена фаза на развиток, а дел важат за сите.
Постапка за основање
Постапката за основање на Друштво ја спроведува Централен Регистар на РМ, по поднесена пријава од страна на овластен регистрационен агент (адвокат или сметководител). Определени информации кои треба да ги знаете пред да побарате од некој агент да ви ги изготви и поднесе документите за основање се:
– Полн и скратен назив – Адреса за седиште – Управител (негово занимање и дали ќе има ограничувања во поглед на управувањето) – Поделба на удел (доколку се повеќе основачи) – Претежна дејност по НКД – Е-маил адреса – Банка во која ќе се отвори првата жиро – сметка – Информации околу основната главнина
Согласно ЗТД, минимумот на основната главнина е 5.000 евра, која може да се внесе како паричен или непаричен влог. Тоа што го овозможува Законот е уплата на основната главнина после 1 година од основањето. Односно, ова значи дека Трговско Друштво може да се основа со 0 денари во првата година, што претставува значајно олеснување за Друштвата. По истекот на 1 година, потребно е да се внесе основната главнина и да се пријави во ЦРРМ. Доколку тоа е непаричен влог, се изготвува проценка од страна на овластен проценител (тоа можат да бидат: бироа, маси, компјутери и сл.) и се пријавува во ЦРРМ. Во случај основната главнина да не биде внесена, друштвото се објавува на список за бришење.
Обврски за основаните Друштва
Со самото основање, согласно Законите, постојат определени обврски кои што управителот на Друштвото треба да ги исполни:
-Известување до испекторат за труд за отпочнување со вршење на дејност Ова известување се испраќа во моментот кога Друштвото ќе започне да врши деловна активност.
-Евиденција на работно време Оваа постапка се спроведува во Централниот Регистар на РМ.
-Работа со готовински промет (задолжителна фискална каса) Доколку Друштвото врши промет на добра и услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат (по основ на издадена фактура), должни се да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат сметка за извршениот промет, односно услугата.
-Избор на сметководител Со основањето, потребно е Друштвото да избере сметководител кој ќе се грижи за изготвување на платите, книжење на фактурите, изготвување на годишна завршна сметка итн.
-Поднесување на годишна завршна сметка Оваа обврска е задолжителна за сите Друштва. Неа ја изготвува сметководителот и ја поднесува во Централниот Регистар на РМ.
-Почитување на тајноста и заштита на личните податоци Друштвата се должни да го почитуваат Законот за тајност и заштита на личните податоци. Тие се должни да ја известат Дирекцијата за заштита на личните податоци за обработката на лични податоци. Ако збирката на лични податоци се однесува за најмногу до 10 вработени, немаат обврска за известување.
-Безбедност и здравје при работа Во зависност од видот на дејноста која што ја врши Друштвото, потребно е да се почитуваат релевантите одредби од Законот за безбедност и здравје при работа.
Освен горенаведените обврски, Друштвото во своето работење треба да ги почитува и останатите Закони, а особено оние кои се однесуваат и се поврзани со вработените во Друштвото (Закон за работните односи, Закон за заштита од вознемирување на работното место, Закон за спречување и заштита од дискриминација итн.) како и во односите каде се јавува како клиент (Закон за облигациони односи, Закон за финансиска дисциплина итн.).