Основна главнина

23.12.2020

За да се основа трговско друштво, едно од повеќето правила е да се внесе основната главнина во регистрационата постапка. Основна главнина го претставува паричниот и непаричниот влог на содружниците, односно акционерите и го претставува збирот на номиналната вредност на сите влогови. За секое друштво посебно Законот за трговски друштва определува колку треба да изнесува тој основачки влог.

Износ на основна главнина

Основната главнина не може да биде помала од 5.000 евра во денарска противвредност (ДОО или ДООЕЛ). Доколку основната главнина се намали под сумата предвидена со Законот за трговски друштва, сумата мора да се зголеми до износот предвиден за минимум основна главнина односно 5.000 евра во рок од шест месеци од денот на усвојување на годишна сметка, освен доколку друштвото во тој рок не се преобрази во друга форма на друштво.

Внесувањето на основната главнина може да биде изразено и во непаричен влог. Непаричниот влог мора да биде наведен во изјавата за основање на друштвото и исто така се наведува содружникот кој го внесува непаричниот влог, непаричниот влог кој се внесува како и вредноста по која друштвото го презема непаричниот влог, и погодностите кој што се преземаат за содружникот кој го внел непаричниот влог, доколку содружниците се договорат за погодности.

Одложена уплата

Содружник може да биде само тој што ќе има внесено удел и е запишан во книгата на удели. Уделот на содружникот се определува според внесениот влог. Уделот на содружникот на друштвото може да се внесе во рок од 1 година од денот на уписот во трговското друштво.

Што се случува доколку не се уплати влогот во рок од 1 година?

Ако при основање на друштвото паричниот влог не е платен, во рок од 1 година од денот на објавување на уписот на основање на друштвото, друштвото се брише од Централниот регистар.

Постапка за упис при централен регистар

Постапката за упис на основната главнина е постапка која што се спроведува пред Централен регистар на Република Северна Македонија.

Потребни документи за упис на Основната главнина:

  • Изјава по член 32 од ЗТД;
  • Одлука  за измена на договорот за основање (во случај на ДОО);
  • Одлука за измена на изјавата за основање (во случај на ДООЕЛ);
  • Одлука за уплата на основната главнина;
  • Пречистен текст на договорот за основање (во случај на ДОО);
  • Пречистен текст наизјавата за основање (во случај на ДООЕЛ);

Напомена: Доколку постапката за упис на основна главнина се води преку адвокат, тогаш се потребни Полномошно од Управител и Полномошно од основач односно основачи.

Поднесувањето се врши преку системот за е-регистрација на Централниот регистар односно преку страницата на ЦРРСМ, https://e-submit.crm.com.mk/eFiling/redefault.aspx.

Откако ќе се спроведе последниот чекор, пријавата оди кај одговорното лице во Централниот регистер, кое одлучува по истата. Доколку има грешки во пријавата, одговорното лице електронски го враќа предметот на корекција и остава рок од 5 дена за извршување на корекцијата.

Согласно тарифата, Централниот регистер наплаќа износ од 1.857,00 денари со цел упис на основна главнина, бидејќ​и се прави промена кај основна главнина и се прави промена кај основач.

На крајот од постапката Централниот регистер донесува решение за упис на основна главнина.

Основна главнина од 1 евро

Во тек е изготвување на предлог законот за измени и дополнувања на Законот за трговски друштва со кои се овозможува основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки влог од едно евро.

Првична идеа на овој предлог закон е за граѓаните кои имаат бизнис идеа но немаат доволно средства за да отпочнат со свој бизнис.

Со овој предлог закон се воведува и нов тип на друштво со ограничена одговорност кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност – ПДОО“.  Ова друштво може да има најмалку тројца основачи-физички лица, од кои еден е управител,  односно член на органот на управување. Бидејќи станува збор за друштво со основна главнина од едно евро, се предлага и воведување посебен режим за финансиско работење во однос на располагање на добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителна резерва на друштвото.

Овој предлог закон е во собраниска процедура.

Информативен блог

To top