Постапката за расправање на оставината се поведува пред суд, при што судот ја поведува по службена должност кога ќе дознае за смртта на одредено лице.
Судот може да дознае за смртта на едно лице преку смртовница доставена од матичарот кој извршил упис во матичната книга на умрените, но најчесто оваа информација ја добива од заинтересираните лица, односно сите лица кои имаат правен интерес за поведување на оставинска постапка за расправање на оставината. За да се отпочне со оставинската постапка неопходно е да се достави смртовница до судот со што ќе се утврди дека навистина е настапена смрт кај конкретното лице, оставител. Покрај тоа, лицето коешто го известува Судот, е должно и да го информира за имотот којшто го поседувал оставителот.
Според Законот за наследување, лица кои може да се јават како наследници на оставителот се: сите негови потомци, неговите посвоеници и нивните потомци, неговиот брачен другар, неговите посвоители, неговите родители, неговите браќа и сестри и нивните потомци и неговите дедовци и баби и нивните потомци.
Особено е важно да се утврди дали починатото лице оставило тестамент или не. Доколку оставителот има тестамент, во тој случај како наследници се јавуваат лицата коишто тој ги предвидел преку истиот. Во спротивно, се применуваат наследните редови утврдени со Законот за наследување.
Надлежниот суд ја доверува постапка на нотар, како повереник на судот во рок од осум дена од денот на заведување на предметот. Нотарите понатаму имаат овластување да спроведуваат дејствија и да донесуваат одлуки во оставинската постапка. Важно е да се напомене дека при расправање на оставината задолжително мора да е присутен адвокат како полномошник за секој од учесниците, а еден адвокат може да ги претставува и сите учесници.
Нотарот донесува решение со кое се утврдуваат наследниците и се врши распределба на оставината. Доколку во оставината има и недвижен имот, тогаш нотарот електронски врши упис во Катастарот со што се запишуваат наследниците како нови сопственици на конкретниот имот.
Согласно Законот за даноци на имот, данок на наследство не се плаќа доколку наследникот е од прв наследен ред, но и доколку наследник од втор наследен ред наследи стан, односно семејна станбена зграда ако со оставителот живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот, под услов тој и членовите на неговото семејство да немаат друг стан односно станбена зграда и доколку наследник од втор наследен ред наследи земјоделско земјиште и економски згради, ако со оставителот, односно давателот на подарокот живеел во заедничко домаќинство најмалку една година пред смртта на оставителот и под услов земјоделството да му е примарна дејност.
Доколку се исполнети условите за ослободување од данок, во тој случај се поднесува барање до општината каде се наоѓа имотот, која изготвува решение за ослободување од данок.