Sibyl AI – машинско учење за прогноза на случај

04.10.2018
sybyl ai

Sibyl AI  претставува програма која со помош на машинско учење може да им помогне на адвокатите и адвокатските друштва да направат прогноза и проценка на случајот на странката и да ја информираат истата за тоа како е најпаметно да се постапи по повод нејзиното барање.

За што точно може да се користи Sibyl AI?

Таа им овозможува на адвокатите да одговорат на најважните прашања кои ги имаат нивните клиенти кога размислуваат дали да почнат судска постапка и да си го заштитат своето право. Тие прашања често се ограничуваат на следните четири:

  • Дали ќе успее тужбеното барање на суд?
  • Колку ќе чини постапката?
  • Дали другата страна би се согласила на спогодба?
  • Колкава би била сумата која би ја добил клиентот кога ќе заврши судската постапка?

Кога ќе се дојде до одговорот на овие прашања, адвокатот најдобро може да процени за кои случаи е најефикасно да се поднесе тужба, кои случаи би завршиле лесно со спогодба и колку треба да се плати.

Зошто да се користи Sibyl AI и програми слични како неа?

Традиционалниот начин на процена на случај, претпоставува користење на човечкиот фактор. Имено адвокатот или вработен во неговата канцеларија мора да потроши време и да ги прочита сите документи поврзани со случајот и да дојде до определен став за тоа што треба да се преземе. Тимот позади овој производ претпоставува дека тоа ги зголемува трошоците на странката за околу 15% на вкупната сума. Несомено од друга страна тоа и одзема многу време на адвокатите.

Sibyl AI е направено токму како решение на горенаведениот проблем. Од една страна ги намалува трошоците на странките, а од друга страна го ослободува адвокатот од затрупување во документација и му овозможува со точна бројка изразена во проценти да му ги објасни на клиентот исходите од различните чекори коишто можат да се преземат.

Како работи Sibyl AI и колкава е неговата успешност?

Оваа програма го автоматизира целиот горенаведен процес и користејќи машинско учење може веднаш да го процени и прогнозира случајот. Моментално тимот позади Sibyl AI е фокусиран на пишана документација што од своја страна значи дека оној кој го користи системот мора да ги прикачи соодветните документи во дигитална форма без разлика на нивниот формат (Sibyl AI може да процесира текст од слики, пдф документи итн).

Резултатите од успешноста на Sibyl AI се многу позитивни. Во една статија од управителот Ричард Штраус на фирмата која стои позади овој производ, тој пишува дека нивното решение има точност од 81% за тоа дали петициите од клиентите поврзани со хипотека би успеале.

Самиот тој вели дека ова е само индикатор на што сè може технологијата да направи.

Статијата на Ричард Штраус може да ја прочитате во целост ТУКА, додека информациите поврзани со Sibyl AI и со тимот што стои позади него можете да ги погледнете на нивната официјална страница. Доколку Ве интересира да дознаете повеќе за производи од Legal-Tech сферата Ви ја препорачуваме статијата NOTARIZE.

Информативен блог

To top