Договор за вработување (постапка и правила за вработување)

26.06.2017

КОГА Е ПОТРЕБЕН ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ?

Најчесто прашање кое се појавува е дали е потребен Договор за вработување на новоосновано трговско друштво? Дали со датумот на започнување со работа, потребно е да има минимум 1 вработен? Со основање на друштовото се именува управител. Управителите како раководни лица, вообичаено се пријавени како вработени, но бидејки едно лице може да биде управител на повеќе друштва, ова не е правило.

Датумот со основање на трговското друштво, не значи и почеток со работа на друштвото, односно датумот на прво вработување не мора да се соодвествува со датумот на основање.

ПОСТАПКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Пријавувањето на вработување се врши во Агенцијата за вработување на РМ (Центар за вработување). Постапката е едноставна и се завршува во неколку чекори:

  • Се поднесува ППР образец (пријава за потреба од работник), образецот се наоѓа на веб-страната на АВРМ. Тој содржи податоци за Друштвото, бројот на работници кој се бараат, позицијата на која треба да се вработат, плата и др.
  • По поднесувањето на образецот – АВРМ отвора активен оглас. Потребно е да изминат најмалку 5 дена од денот на поднесување (се бројат сите денови во седмицата освен недела), за да може да се изврши пријавувањето на вработениот. (Доколку некое Друштво има потреба од итно вработување, со посредство на агенции за посредување при вработување, овој период од 5 дена се крати и вработувањето се завршува за 1 ден)
  • По истекот на 5 дена, во АВРМ се поднесува овластување за пријава на работник (може да се најде на веб-страната на АВРМ). Овластувањето содржи податоци за лицето кое се вработува, датум на стапување на работа и основ по кој стапува на работа.

Со поднесување на пријавата, во истиот момент АВРМ издава М1/М2 образец за пријавен работник со што постапката е завршена.

ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Со работникот, потребно е да се склучи Договор за вработување. Овој вид на Договор може да се склучи на определено или на неопределено време.

Тој се склучува задолжително во писмена форма и еден примерок се дава на работникот.

Задолжителни елементи на Договорот за вработување се:

-Работното место – позиција на која работникот ќе стапи на работа;
-Местото каде ќе се врши работата (доколку не е определено, се смета дека е во седиштето на Друштвото);
-Висината на платата;
-Времетраење на Договорот

Останати одредби:

Освен задолжителните елементи на Договорите за вработување, во зависност од природата на работа, во самиот Договор може да се предвидат дополнителни одредби поврзани со:

  • Одморите, работното време и отсуствата
  • Обуки
  • Почитување на Законот и правилниците за тајност и заштита на личните податоци
  • Доверливост, чување на доверливи информации
  • Конкурентски клаузули
  • Одредби поврзани со интелектуална сопственост и др.

ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ДОГОВОРОТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Договорот за вработување престанува да важи:

  • Со изминување на времето за коешто бил склучен
  • Со спогодбено раскинување
  • Со давање на отказ (причини утврдени во Законот)
  • Со смрта на работодавач (физичко лице) или работник
  • Поради престанување на работодавач согласно Закон
  • Со судска пресуда
  • Во други случаи утврдени со Закон

При самиот состав на Договор за вработување, потребно е одредбите да бидат во согласност со Законот за работните односи и општиот колективниот договор за приватен сектор од областа на стопанството. Во спротивно одредбите ќе бидат ништовни и нема да произведуваат правно дејство.

ДОКОЛКУ ИМАТЕ ПОВЕЌЕ ПРАШАЊА, ЗАКАЖЕТЕ СОСТАНОК СО НАШИОТ ТИМ:

 

Информативен блог

To top