КАДЕ Е РЕГУЛИРАНА РЕГИСТРАЦИЈАТА, ОДНОСНО ОТВОРАЊЕТО НА КОМПАНИЈА?

Отворањето на компанија, односно регистрација, основање на трговско друштво, фирма, е постапка регулирана во Законот за трговски друштва како и во Законот за едношалтерски систем.

Надлежна институција за регистрирањето на компанијата е Централниот Регистар, кој води регистар на сите правни лица.

ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ

Со цел отворање на компанија, можете да ангажирате овластен регистрационен агент (адвокат или сметководител), кој ќе направи состав на документите и ќе состави пријава за основање на трговско друштво во централниот регистар.

Информации кои се потребни за состав на документите за основање на ДОО/ДООЕЛ се:

  • Називот на фирмата;
  • Адреса на седиште;
  • Лична карта од управителот;
  • Лична карта од основачите;
  • Распределба на удел меѓу основачите;
  • Висина на основна главнина и висина на влоговите што ќе ги преземат основачите (парични или непарични);
  • Претежна дејност;
  • Е-маил адреса; и
  • Банка каде ќе се отвори првата сметка на фирмата.

ПОСТАПКА

Овластениот регистрационен агент, ќе направи состав на документите (изјава/договор за основање, изјава по чл.32, изјава по чл.29, изјава по чл. 183, ЗП – образец, полномошно), по што следува потпишувањето на документите од страна на управителот и основачите.

Откако документите ќе се потпишат, овластениот регистрационен агент ги потпишува документите со електронски квалификуван потпис и составува електронска пријава за основање на трговско друштво.

Пријавата се поднесува до Централниот Регистар преку нивниот електронски портал на нивната веб страница.

По пријавата, Централен Регистар постапува во рок од 24 часа. Централен Регистар не наплаќа надомест за регистрација.

ЗАВРШУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА

По одобрување на пријавата, Централниот Регистар издава Решение за основање на трговското друштво.

Во Решението за основање се наведени сите информации поврзани со фирмата меѓу кои (назив, матичен број, даночен број, седиште итн.)

Со Решението за основање, понатаму може да продолжи постапката за отворање на банкарските сметки, набавка на печати, пријава на вработени во АВРМ и сл.

ЗАКАЖЕТЕ СОСТАНОК СО НАШИОТ ТИМ

 

Информативен блог

To top